Утрински Весник
Македонија

Тошковски ја отвори заедничката обука на САЕ „Тигар“ и француската единица РАИД: Размената на искуства и знаења е клучна за унапредување на полициските капацитети

Toskovski ja otvori zaednickata obuka na sae tigar i francuskata edinica raid razmenata na iskustva i znaenja e klucna za unapreduvanje na policiskite kapaciteti image.jpg

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска, во објектот на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, официјално ја отвори четиридневната заедничка обука за техники на пробивање, која се реализира во соработка со специјалната единица РАИД на француската национална полиција.

На отворањето присуствуваа амбасадорот на Француската Република во Скопје, Н.Е. Кристоф ле Риголер, претставници на француската единица РАИД и припадници на САЕ „Тигар“.


Во своето обраќање, министерот Тошковски истакна дека обуката претставува продолжение на долгогодишната соработка меѓу министерствата за внатрешни работи на двете држави, чии темели се поставени со Договорот за соработка во областа на внатрешната безбедност од 2003 година.

Тој посочи дека партнерството со Франција низ годините се развива преку бројни заеднички активности, обуки, работилници и експертски програми, со кои се унапредуваат професионалните и институционалните капацитети на македонската полиција.
„Особено сакам да ја истакнам поддршката што Француската Република континуирано ја обезбедува преку Амбасадата во Скопје, со организирање на обуки, работилници и експертски програми за припадниците на македонската полиција. Ваквите иницијативи претставуваат пример за вистинско партнерство, засновано врз доверба, заемна поддршка и заедничка посветеност кон безбедноста на нашите граѓани“, истакна Тошковски.

Во рамки на четиридневната обука, припадниците на САЕ „Тигар“ ќе имаат можност да ги унапредат своите оперативни знаења и вештини во областа на техниките на пробивање, користејќи ги искуството и експертизата на припадниците на француската единица РАИД.

Министерот нагласи дека ваквата практична соработка е особено значајна во услови на сè покомплексни безбедносни предизвици, кои бараат брза, професионална и координирана реакција.
„Во време кога безбедносните предизвици стануваат сè покомплексни и бараат брза, професионална и координирана реакција, вложувањето во обука, знаење и размена на добри практики е најсигурниот пат кон создавање модерна, ефикасна и подготвена полиција“, порача Тошковски.

Тој изрази уверување дека обуката ќе придонесе за стекнување нови знаења, размена на практични искуства и дополнително зацврстување на професионалните врски меѓу македонските и француските полициски служби.
На крајот, министерот упати благодарност до Француската Република, Амбасадата на Франција во Скопје и експертите од РАИД за нивната континуирана поддршка и посветеност, посакувајќи им на учесниците успешна и безбедна реализација на обуката.

Можете да прочитате

Пет илјади евра казна за Мерко за незаконско поставување спомен обележје на влезот на општинската зграда

Август 2026 екстремно топол и со 67 отсто помалку врнежи од просекот

Ешалонот од национални воени претставници при Врховниот штаб на Сојузничките сили во Европа во посета на Армијата