
Компанијата „Авто Атом“ од Кочани престана со работа по 24 години, оставајќи го градот без превозник со седиште во Кочани кој одржуваше редовни локални и меѓуградски автобуски линии.
Според информациите објавени во локалните медиуми, 20 септември бил последниот работен ден на компанијата. Последното патување било реализирано на линијата Скопје–Кочани, со поаѓање во 18:30 часот од скопската автобуска станица. Дел од вработените преминале кај други превозници, додека останатите биле прогласени за технолошки вишок. Со работа, наводно, престанале и туристичката агенција и Автобуската станица во Кочани.
„Авто Атом“ е основана во 2002 година, а нејзината главна дејност била превоз на патници во земјава и во странство. На официјалната интернет-страница компанијата е наведена и како сопственик на автобуската станица во Кочани.
Неколку месеци пред затворањето целиот бизнис беше понуден на продажба. Во огласот беа наведени автобуска станица од 223 квадратни метри и туристичка агенција од 14 квадратни метри, но не е познато дали бил пронајден купувач.
Како причини за тешкотиите во работењето се посочуваат последиците од пандемијата, намалениот број патници, иселувањето од источниот дел на земјата, зголеменото користење лични автомобили и конкуренцијата од други превозници. Во изминатиот период биле редуцирани и дел од линиите, додека возниот парк подолго време не бил обновуван.
Престанокот со работа најсилно ќе ги погоди граѓаните кои немаат сопствен превоз, особено повозрасните лица, учениците и другите патници што редовно патуваат кон Штип, Скопје и околните населени места.
Засега нема јавно објавено официјално соопштение од компанијата или од Општина Кочани за идното функционирање на автобуската станица, ниту дали линиите на „Авто Атом“ ќе ги преземат други превозници.



