Утрински Весник
Македонија

Левица: ДПМНЕ панично си го мери опаѓачкиот рејтинг со народни пари – над еден милион евра за анкети и владина пропаганда

Levicza 2.jpg

Соопштение за јавност на Левица:

Левица реагира на новото расипничко трошење на народни пари од страна на Владата на ДПМНЕ за сопствена политичка промоција и мерење на рејтингот. На 1 септември годинава Владата склучила договор вреден 21,2 милиони денари за видео продукција, фотографија и комуникациска кампања за владините проекти. Договорот повторно го добива „Фрајдеј Комуникации”, компанија чиј сопственик, според јавно објавените податоци, е МК МЕДИЈА ГРУП ЕООД, регистрирана во Благоевград, Бугарија.


„ДПМНЕ, која гради патриотска реторика околу Бугарија, нема никаков проблем повеќе од 700 илјади евра македонски јавни пари да завршат во компанија со бугарски капитал кога станува збор за нивна промоција”, истакнува членот на Централниот комитет на Левица, Круме Богевски.

Но, ова не е единственото трошење огромни суми за политичка слика и рејтинг. Додека Македонија во март 2025 година беше во жалост по трагедијата во Кочани, само три дена по пожарот Владата склучила договор од 22,8 милиони денари за истражување на јавното мислење и мерење на сопствениот рејтинг. 

„Сумирано, за нешто повеќе од една година Владата потрошила над еден милион евра народни пари за да се снима, фотографира, промовира и да проверува што мислат граѓаните за неа”, вели Богевски.

„Народот плаќа Владата да биде снимена, народот плаќа Владата да биде фотографирана, народот плаќа кампања за да му се објасни колку добро работи Владата, а потоа истиот народ плаќа и анкети за Владата да провери дали успеала да го убеди. Зарем граѓанинот плаќа даноци за Мицкоски секое утро да добива политичка метеоролошка прогноза – дали рејтингот му е сончев, облачен или со можност од врнежи?”, прашува Богевски.

Од Левица посочуваат дека додека за сопствената политичка промоција Владата наоѓа милиони, за реалните потреби на граѓаните постојано се повикува на ограничувањата на буџетот. За студентскиот оброк и годинава се определени само 140 денари, додека за социјалните мерки, земјоделците, јавните услуги и инфраструктурата постојано слушаме пресметки и оправдувања колку буџетот може да издржи.

„Пред само неколку недели онколошки пациенти во Македонија беа принудени да бараат КТ-снимања во приватни установи, каде едно снимање чинеше околу 1.300 евра, бидејќи единствениот државен апарат беше надвор од функција. Мицкоски совршено покажува како изгледа држава во која за основна јавна услуга граѓанинот мора да се снаоѓа, додека за политичка презентација тендерите продолжуваат без никаков проблем”, додава Богевски.

Од Левица велат дека кога една власт троши повеќе од еден милион евра за да се снима, промовира и да проверува дали народот ја поддржува, наместо да ги решава причините за незадоволството, тогаш народните пари се користат за менување на сликата за реалноста.

„Народот нема обврска да го финансира стравот на една власт која очигледно веќе не е сигурна дека народот верува”, заклучува Богевски.

Можете да прочитате

СДСМ: Мицкоски ја распродава Македонија за профит, ископување антимон е опасно и мора да се прашаат граѓаните

Здруженијата на пензионери – демократски организации или затворен систем?

ВМРО-ДПМНЕ: Партизираното судство градено со години во служба на моќници поединци, наместо во слово на законот