
Ивана Петковска од Коалицијата за правично судење, гостувајќи во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, изрази сомнеж во начинот на кој се постапува со дел од предметите поврзани со корупција и организиран криминал и го отвори прашањето дали законот еднакво се применува кон сите.
Петковска посочи дека фактот што нема отворени предмети против одредена политичка партија остава простор за прашања околу постапувањето на надлежните институции и еднаквоста пред законот.
Таа се осврна и на предметите кои биле отворени во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, а подоцна биле запрени. Според Петковска, особено кога станува збор за сомнежи за корупција, јавноста треба да добие јасно и детално образложение зошто определена постапка е запрена.
Во интервјуто Петковска зборуваше и за изборот на нов шеф на ОЈО ГОК. Според неа, на 28 октомври сите јавни обвинители треба да гласаат на тајни избори, по што резултатите ќе ги разгледува Советот на јавните обвинители.
Како позитивен чекор во процесот таа го издвои јавното претставување на кандидатите, што според неа придонесува за поголема транспарентност.
Осврнувајќи се на четиригодишната работа на ОЈО ГОК, Петковска оцени дека значително влијание имале измените на Кривичниот законик, особено во делот на членот 353. Таа нагласи дека за ефикасна борба против организираниот криминал и корупцијата не се доволни само законските механизми, туку се неопходни и соодветни човечки и финансиски ресурси.
Петковска предупреди и на долгото траење на истрагите и судските постапки. Според неа, без доволно обвинители, судии, стручен кадар и финансиски средства тешко може да се очекува брза и ефикасна правда.
Дел од разговорот беше посветен и на Судскиот совет. Петковска оцени дека проблемите во правосудството не произлегуваат само од законските решенија, туку и од начинот на кој тие се спроведуваат во практика.
Таа посочи дека трипати бил неуспешен обидот Собранието да избере нов член на Судскиот совет, при што, како што рече, немало јасно образложение зошто материјалите биле повлекувани.
Петковска зборуваше и за искуството на Коалицијата за правично судење при мониторингот на судските процеси. Според неа, организацијата повеќепати се соочила со ограничувања при обидите да присуствува на одредени постапки, иако една од нејзините главни активности е токму мониторингот на судски предмети и следењето на реформите во правосудството.


