
„Мисајловски излезе од периметарот на САД“, порача пратеничката на СДСМ и поранешна министерка за одбрана Славјанка Петровска, реагирајќи на информациите дека Вашингтон ќе пренасочи дел од воената помош наменета за Македонија.
Според Петровска, Стејт департментот го известил американскиот Конгрес дека вкупно 52 милиони долари, првично наменети за Македонија, Словачка, Тунис и Ирак, ќе бидат пренасочени кон држави од Латинска Америка.
Таа нагласува дека веста е сериозна и потсетува дека во периодот кога била министерка за одбрана, со американските партнери се зајакнувала меѓусебната доверба, се обезбедувала воена помош и се создавале услови за забрзана модернизација на Армијата.
„Денес, во мандатот на Мисајловски, Македонија останува без дел од таа поддршка“, пишува Петровска.
Таа признава дека одлуката е дел и од пошироките надворешнополитички приоритети на Вашингтон, но смета дека министерот за одбрана не смее да биде само набљудувач.
„Неговата работа е да се бори за интересите на Македонија и да ја зачува поддршката од нашите стратешки партнери“, наведува Петровска.
Поранешната министерка бара Мисајловски да соопшти колкав износ ѝ се одзема на Македонија, кога бил информиран за одлуката и што презел за да го спречи или барем да го намали кратењето.
Таа бара одговор и за тоа кои проекти за опремување и модернизација на Армијата ќе бидат погодени, како и зошто македонската јавност за пренасочувањето на средствата дознава од странските медиуми, а не од Министерството за одбрана.
„Стратешкото партнерство не се одржува со протоколарни фотографии и со присвојување проекти започнати од претходните раководства. Се одржува со работа, доверба и постојана дипломатска активност“, порача Петровска.
Таа додава дека е лесно некој да се фотографира со она што го наследил, но многу потешко е тоа да го зачува и надгради.
„Мисајловски ја наследи американската помош. На јавноста ѝ должи одговор зошто денес губиме дел од неа“, заклучи Петровска.



