Утрински Весник
Македонија

На Граничниот премин Табановце промовиран системот на телесни камери за царинските службеници

Telesni kameri 2.jpg

Царинските службеници од денеска користат телесни камери. Системот на телесни камери за царинските службеници, обезбеден преку Меѓународната програма за обука и помош при водење криминалистички истраги (ICITAP), во рамките на кривичниот оддел при Министерството за правда на САД, денеска официјално беше промовиран на граничниот премин Табановце.

Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски и вршителката на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД во Македонија, Никол Варнс на граничниот премин Табановце го означија воведувањето на системот на телесни камери како дел од активностите насочени кон зајакнување на транспарентноста, интегритетот и професионалните стандарди во работата на царинските службеници. Телесните камери во оваа фаза ќе се користат на гранични премини Табановце, Ќафасан и Блаце.


Проектот, рече Николовски, е чекор во модернизацијата и е нов стандард во работењето, што обезбедува професионалност, транспарентност одговорност и безбедност

– Со обезбедените 30 телесни камери заедно со целокупниот систем на инфраструктура и со спроведените обуки за корисници, супервизори администратори и обучувачи ние не добиваме само технологија, ние добивме систем кој треба да даде конкурентни резултати во секојдневното работење – рече Николовски.

Директорот на Царинската управа додаде дека камерите ќе служат да го заштитат и граѓанинот и службеникот.

– Напомнувам ова е заштита за двете страни во постапката. Камерите ќе го забележат секое можно несоодветно однесување од царинскиот службеник, но исто така ќе го забележат и односот од страна на патниците, превозниците и економските оператори – рече Николовски.

Тој нагласи дека Царинската управа има определба дека нема место за корупција и злоупотреба на службените овластувања, а користењето на опремата ќе придонесе да се создаде средина во која ќе се спречуваат неправилности и злоупотреби.

– Затоа оваа технологија ја гледаме како дел од пошироката борба за интегритет и професионалност во Царинската управа – кажа Николовски.

Тој очекува поголема транспарентност и доверба, бидејќи снимениот материјал се евидентира и се обезбедува проверливост, поголема дисциплина.

– Но, технологијата само по себе не е доволна, најважни се луѓето кои ја користат и начинот на кој се користи. Затоа очекувам од нашите колеги на овие гранични премини да ја користат опремата одговорно, доследно и професионално согласно утврдените правила – рече Николовски.

Тој рече дека институцијата мора да биде модерна и професионална во која граѓаните ќе имаат доверба и истовремено ќе обезбеди службениците да знаат дека нивната работа е заштитена и препознаена. Николовски се заблагодари на САД за донацијата.

За Варнс, донацијата не е само опрема, туку е доказ за посветеноста на транспарентноста, отеченост и владеење на правото.

– САД веруваат дека силните институции се основа за безбедно и просперитетно општество. Денешното предавање на опремата е израз на заложбите на САД да гради ефикасни односи кои истовремено ги унапредуваат интересите на САД и на нашите сојузници. Заедно создаваме побезбедна средина за тргување, патување и инвестиции што ќе им донесат бенфит на двете наши нации преку поддршка за модернизирање на царинските операции во Северна Македонија – рече Варнс.

Во говорот, таа кажа дека политиката на САД за странска помош е јасна и дека мора да испорача резултати, да обезбеди самоодржливост и американските ресурси да се користат ефикасно и стратешки. Донацијата, смета Варнс, обезбедува зајакнати демократски институции, сузбивање на корупцијата и поддршка на економскиот раст. Мобилните камери ќе ја подобрат транспарентноста на Царинската управа, ќе спречат нелегални активности, ќе ја изградат јавната доверба, што за Варнс се клучни цели во заедничката борба против трговија со дрога, луѓе и организиран криминал.

– Царинските службеници се првата одбранбена линија кога станува збор за нелегални супстанци, забранети стоки и криминални дејствија кои ги поминуваат границите. Опремувајќи ги царинските службеници со модерна технологија ги оспособуваме да ги извршат своите должности со поголем интегритет и ефикасност – рече Варнс.

На овој начин, таа очекува земјава да ги исполните обврските како стабилен партнер во регионалната и глобалната безбедност. 

Можете да прочитате

Судење за „Пулс“: Дејан Јованов не ја дал на увид лиценцата за работа, а пристапот бил блокиран од возила

Околу 10.800 ученици од прва година средно стручно образование се првата генерација која ќе учи СТЕМ вештини за професиите на иднината

Мисајловски: Инфраструктурните активности продолжуваат со силно темпо