Утрински Весник
Спорт

18 млади репрезентативци одат на светско првенство со самофинансирање – за што служи Министерството за спорт, прашува Левица

Levica.webp.webp

Осумнаесет македонски кик-боксери и тројца тренери заминуваат за Лидо ди Јесоло, Италија, каде Македонија ќе настапи на Светското WAKO првенство за деца, кадети и јуниори. Станува збор за најбројната македонска јуниорска кик-бокс репрезентација што досега настапила на официјално Светско првенство. Но, наместо државата да обезбеди услови младите репрезентативци да се концентрираат на спортот, Кикбокс маитаи федерацијата соопшти дека настапот мора да се обезбеди преку самофинансирање.

Според претседателот на Федерацијата и селектор Дејан Митровски – Урко, и покрај поднесените барања за финансиска поддршка за учеството на Светското првенство, Федерацијата до почетокот на септември немала добиено наменски средства од Министерството за спорт, ниту одговор на барањата. Ова говори за тоа колку државата го цени спортот… национална репрезентација стигнува до Светско првенство, а државната институција задолжена за спорт не обезбедила ниту денар за самиот настап?


Во држава каде што секако спортистите се принудени сами да вложуваат додека дојдат до некаков успех, македонските репрезентативци повторно се оставени на маргините на општеството, а токму тие се луѓето што го вејат македонското знаме надвор од нашите граници. Затоа, сега директно ќе го прашаме ДПМНЕ: Зошто го одбија амандманот предложен од пратениците од Левица во јули при донесување на Ребалансот, којшто предвидуваше целосно покривање на трошоците на спортистите, кога веќе јасно се гледа дека Министерството за спорт не се залага за никаква финансиска помош? 

Срамот е уште поголем ако се спореди со изјавите на министерот Борко Ристовски. Министерството годинава соопшти дека за македонскиот спорт се обезбедуваат 438 милиони денари, а самиот Ристовски во повеќе наврати тврдеше дека државната финансиска поддршка ќе се насочува според спортските резултати. Во август, на прес-конференцијата за Струшкиот ракометен турнир, порача дека Министерството ќе стои зад турнири, федерации, клубови и поединци кои продуцираат успех. Тогаш логичното прашање кое се наметнува е – што точно треба да направи една младинска национална репрезентација повеќе од тоа да избори настап на Светско првенство за да заслужи навремена институционална поддршка?

Не може државната политика за спорт да започнува откако спортистот ќе донесе медал. Професионалниот спорт бара подготовки, тренери, патување, сместување, котизации и услови за настап пред да се појави резултатот. Ако институциите поддржуваат само веќе создаден успех, тогаш товарот за создавање на тој успех целосно го префрлаат врз спортистите, нивните семејства, клубовите и федерациите.

А ДПМНЕ кое шири евтини флоскули за патриотизам, треба да знае дека спортистите коишто го носат и промовираат македонското знаме и Македонија – за сè мора да си плаќаат сами додека на Борко му отворија министерство за ништо.

Можете да прочитате

Светската џудо елита викендов ќе се натпреварува во „Јане Сандански“

Интер Мајами го освои Купот Кампеонес, Меси го постигна својот 100. гол за клубот од МЛС

„Јане Сандански“ грмеше, Вардар беше на чекор до бод – Нант славеше со еден гол