Утрински Весник
Економија

Левица: Неплатено грозје, заложено вино и евтини државни кредити – Владата ја чести винарската олигархија со народни пари додека лозарите ги турка во пропаст

Levica.jpg

Соопштение за јавност на Левица:

Годинава лозарите уште пред бербата беа ставени пред свршен чин. За вранецот немаше сигурен пласман, дел од винарниците најавуваа ограничен или никаков откуп, а производителите повторно беа оставени да гледаат како целогодишниот труд им презрева по лозјата. Наместо Владата да интервенира во корист на послабата страна, министерот Борче Серафимовски јавно призна дека, на барање на винарските визби, ќе ги олесни условите за нивно кредитирање. Грејс-периодот треба да порасне од три на 18 месеци, потоа следуваат уште 18 месеци отплата, со фиксна камата од само еден процент. А како залог ќе може да се користи и произведеното вино!


Преку Развојната банка за откуп на вранец и оризова арпа се ставени на располагање 793,48 милиони денари, од кои 553,48 милиони за вранец и 240 милиони за оризова арпа. Значи, кога винарската индустрија ќе каже дека условите не ѝ одговараат, Владата ги менува условите. Кога лозарот со години бара сигурен откуп, достоинствена цена и навремена исплата, тогаш му се објаснуваат пазарните услови и модел.

А најапсурдниот дел е што визбите ќе можат како обезбедување да го понудат произведеното вино. Но, тоа вино ќе биде направено од грозје што лозарот го предал наесен и за кое во тој момент сè уште може да не биде целосно исплатено! Законот дозволува исплатата да биде распределена во повеќе рати, а последниот дел да стигне дури до 30 април наредната година. Практично, производителот цела година плаќа нафта, препарати, ѓубрива, наводнување, работници и механизација, го предава родот, а потоа чека. Визбата, пак, од таа сè уште неплатена суровина прави вино, располага со него и, според најавената мерка, ќе може уште и да го заложи за сопствениот евтин кредит.

Со други зборови, лозарот прв ја кредитира визбата со своето неплатено грозје, а потоа државата вторпат ја кредитира истата визба со народни пари, еден процент камата и година и половина грејс-период. Ако ова не е систем поставен наопаку, тогаш што е? Ризикот е кај земјоделецот, евтиниот капитал кај откупувачот, а Владата служи како финансиски сервис на посилниот.

Левица одамна предупредува дека проблемот не се решава со сезонски договори зад затворени врати и со државни инјекции кон истите крупни откупувачи. Потребни се државен откупен центар, државна дестилерија која ќе може да го преземе и преработи вишокот грозје, законска заштита од еднострано намалување на цените и механизам што ќе гарантира дека производителот нема секоја есен да биде оставен на милост и немилост на неколку визби. 
Дополнително, Левица во јули поднесе измени на Законот за вино со кои бараше да се избрише можноста откупувачите законски да ја намалуваат однапред утврдената цена за грозјето до осум проценти. ДПМНЕ го одби предлогот.

Затоа прашањето до Серафимовски ни е кога последен пат еден лозар добил ваква поволна понуда од државата како за винарската олигархија? Еден процент камата, 18 месеци грејс, уште 18 месеци отплата и можност сопствениот производ да му служи како обезбедување? Може ли земјоделецот што сака сопствен ладилник, трактор, систем за наводнување или мал преработувачки капацитет да тропне во Развојната банка и да ја добие истата великодушност? Или државата станува развојна само кога треба да го развива билансот на крупниот капитал?

Оваа власт веќе јасно избра страна. Лозарот добива неизвесност, законска можност цената да му биде скратена, а исплатата развлечена со месеци. Додека пак визбата добива евтини пари, продолжен грејс период и можност од виното направено од сѐ уште неплатениот род да создава нов финансиски инструмент.

Можете да прочитате

СДСМ: Една милијарда евра е зголемена дупката во ПИОМ, арамијата Мицкоски ги загрозува пензиите

Куќа во Карпош продадена за 1,5 милиони евра, стан од 50 м2 во Центар за 168 0000 евра

Серафимовски: Откупот тече непречено, над 54 милиони килограми грозје веќе се во домашните винарии и на странските пазари