
Американската војска изгуби најмалку 42 авиони од почетокот на војната со Иран, додека трошоците за воените операции се искачија на дури 29 милијарди долари. Податоците доаѓаат од нов извештај на Конгресната истражувачка служба на САД ( CRS ), која собра официјални изјави од службени лица и медиумски извештаи за загубите во операцијата „Епски бес“.

Извештајот доаѓа во време кога американските законодавци сè повеќе вршат притисок врз раководството на Пентагон за јасни временски рокови, точни трошоци и реални исходи за војната против Иран. Вршителот на должноста контролор на Пентагон, Џулс Херст, потврди пред Конгресот дека проценетите трошоци за операцијата достигнале 29 милијарди долари, истакнувајќи дека голем дел од тоа зголемување оди за поправки и замена на оштетената опрема.
Таа бројка не ја вклучува ниту штетата врз американските воени бази на Блискиот Исток што беше предизвикана од иранските напади, која се проценува на неколку милијарди долари.
Најголемата поединечна загуба на американските сили е предизвикана од беспилотни летала. Според извештајот на CRS, САД изгубиле дури 24 дронови MQ-9 Reaper за време на конфликтот. Секој од овие софистицирани дронови чини околу 30 милиони долари и може да носи до 16 ракети Hellfire. Покрај тоа, објавено е дека се срушил и голем извидувачки дрон MQ-4C Triton.
Неколку авиони беа уништени или оштетени во април за време на драматична операција за пребарување и спасување откако борбен авион Ф-15Е беше соборен над Иран. Во таа операција, Американците изгубија јуришен авион А-10 Тандерболт II, кој се урна откако беше погоден од непријателски оган. Покрај тоа, два специјални транспортни авиони MC-130J Commando II беа намерно уништени на земја во Иран бидејќи не можеа да полетаат, додека еден хеликоптер за спасување HH-60W Jolly Green II беше оштетен од оган од лесно оружје. Во сите случаи, екипажите беа успешно извлечени

