
Министерството за финансии анализира дали промените на глобалните пазари ќе наложат нов ребаланс на државниот буџет или потребните средства ќе се обезбедат преку пренамена, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Таа посочи дека економските услови биле постабилни кога се подготвувал претходниот ребаланс, но дека новите случувања бараат дополнителни процени. Засега не е донесена конечна одлука за нова измена на Буџетот.
Според податоците до 10 септември, буџетските приходи се остваруваат во согласност со планираното, иако се забележани одредени отстапувања кај приходите од акцизи.
Кај увозните давачки е регистриран раст од речиси 10 проценти во споредба со истиот период минатата година, додека приходите од ДДВ се зголемени за 10,4 проценти. Истовремено, повратот на ДДВ е повисок за 10,1 проценти, односно за околу 2,5 милијарди денари.
Позитивни движења, според министерката, се бележат и кај данокот на добивка, персоналниот данок и придонесите.
До крајот на неделата Министерството за финансии треба да одржи состанок со претставници на Царинската управа и Управата за јавни приходи. Врз основа на нивните податоци и процени ќе се одлучува дали ќе се предложи нов ребаланс или ќе се изврши пренамена на постојните буџетски средства.
Димитриеска-Кочоска нагласи дека евентуалниот втор ребаланс не би бил преседан, бидејќи во периоди на криза и претходно се носеле по две измени на Буџетот во текот на една година.

Од Министерството засега не разгледуваат други мерки, туку продолжуваат да ги следат економските движења. Според министерката, нема промени во планот за задолжување и тој останува во рамките утврдени со постојниот ребаланс.


