Утрински Весник
Скопје

Герасимовски: Илјадници гласови, една енергија, Центар прослави 50 години со вечер за паметење

0d9ef192 d22b 4b8c a67d 7ba819d01e36.jpeg

Паркот на Франкофонија синоќа беше претесен за сите што дојдоа заедно да прослават 50 години Општина Центар. Многу музика, насмеани лица, публика од сите генерации и македонски песни што се пееја во еден глас ја одбележаа четвртата година на музичкиот хепенинг „Нешто што ќе остане”.

Слаткар, Дупер, Барбара Поповиќ, Лина Пејовска и 2 Бона приредија вистинска музичка вечер за паметење, со публика која пееше заедно со нив од почеток до крај. За расположението и смеата се погрижи Сашко Коцев, кој со својот препознатлив хумор и непосредност ѝ даде посебен печат на целата вечер.


Градоначалникот Горан Герасимовски од сцената им се обрати на присутните и им се заблагодари што во толку голем број дојдоа заедно да го одбележат јубилејот на Општината.

„Вечерва не сум овде пред вас само како градоначалник. Тука сум како еден од вас – како сосед, како пријател, како човек кој го сака Центар. Вечерва славиме половина век Центар, половина век генерации кои растеле тука, создавале семејства, пријателства и спомени и го правеле Центар тоа што е денес. Ви благодарам што сте тука и што овој јубилеј го славиме заедно”, порача Герасимовски.

„Нешто што ќе остане” веќе четврта година е настан посветен на македонската музика и домашните изведувачи. Герасимовски нагласи дека токму тоа е идејата која Општина Центар сака да ја продолжи и во иднина.

„Имаме одлични македонски музичари и уметници и тие заслужуваат сцена, публика и поддршка. Сакавме овој настан да биде наш – со наша музика, наши изведувачи и наша публика. Тоа го правевме досега и тоа ќе продолжиме да го правиме”, истакна Герасимовски.

А синоќешната слика од Паркот на Франкофонија најдобро покажа зошто – илјадници луѓе, различни генерации, македонска музика и една заедничка причина за славење – 50 години Центар.

Можете да прочитате

Меџити: Ветивме дека ќе ѝ го вратиме сјајот на Старата чаршија, денес резултатите се видливи

Ново Лисиче добива нов парк од 71.000 квадратни метри

Герасимовски: Барам јавно извинување за односот кон советниците и администрацијата на јавната презентација за Барутана