Утрински Весник
Скопје

Ново Лисиче добива нов парк од 71.000 квадратни метри

803465647 1622311916188758 1232069605711680333 n.jpg

Во Ново Лисиче започна изградбата на нов парк на површина од 71.000 квадратни метри, со што запуштениот простор во непосредна близина на Фудбалската федерација на Македонија и последната автобуска станица на линијата „5“ ќе биде претворен во голема зелена целина наменета за одмор, рекреација и дружење на граѓаните.

Почетокот на изградбата беше означен денеска заедно со градоначалникот Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски и Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески.


На просторот, кој со години беше оптоварен со дива депонија, ќе биде создаден современ парк со богато зеленило и содржини за сите генерации. Предвидено е да бидат засадени околу 1.000 дрвја, од кои повеќе од 800 листопадни, а останатите зимзелени.

Паркот ќе располага со пристапни пешачки патеки, детски катчиња за игра и забава, како и простори за одмор и дружење, со што ќе создаде ново место за секојдневно поминување на слободното време на жителите на Ново Лисиче и граѓаните на Скопје.

default

„Секое ново дрво е влог во почист воздух, повеќе сенка и поздрава средина за нашите деца. Сакаме овој парк да живее со смеата на најмладите, со прошетките на семејствата и со средбите на нашите повозрасни сограѓани. Место во кое секоја генерација ќе пронајде свое катче”, беше истакнато при означувањето на почетокот на изградбата.

Со реализацијата на овој проект, заедно со парковите кои веќе се изградени и оние на кои се работи, вкупната површина на парковско зеленило што се создава во Скопје достигнува околу 200.000 квадратни метри.

„Грижата за градот започнува со грижата за луѓето. Секое семејство треба да има простор за прошетка, секое дете место за игра и создавање убави спомени, а секоја населба зеленило какво што заслужува. Продолжуваме да го градиме Скопје рамномерно, во секоја општина, со еднаква посветеност кон секој граѓанин”, беше порачано денеска.

Новиот парк во Ново Лисиче претставува уште еден чекор кон создавање почист, позелен и поквалитетен градски простор, со повеќе места за престој на отворено и подобри услови за живот на сите генерации.

Можете да прочитате

Меџити: Ветивме дека ќе ѝ го вратиме сјајот на Старата чаршија, денес резултатите се видливи

Герасимовски: Барам јавно извинување за односот кон советниците и администрацијата на јавната презентација за Барутана

Почнува манифестацијата „Денови на филигран“