
Соопштение за јавност на Левица:
Државната второстепена комисија, која треба да функционира како независно тело, ослободено од политички и партиски влијанија, е претворена во уште една партиска испостава на ДПМНЕ. До Левица пристигнаа информации од свиркачи за сериозни незаконитости во работењето на Комисијата, силни партиски влијанија и ургенции при одлучувањето по значајни предмети од работните, управните и инспекциските спорови.
Претседател на оваа државна комисија е Илче Мушаревски, долгогодишен партиски активист на ДПМНЕ, кој, според информациите со кои располага Левица, е директно инсталиран од потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски. Мушаревски бил член на Правната комисија на ДПМНЕ, а во минатото работел и во Државниот завод за ревизија, повторно како награда за неговиот партиски ангажман.
Член на Комисијата е и Тања Дедејска, поранешен советник на ДПМНЕ во Советот на Општина Струмица. Особено е проблематично што Дедејска минатата година при изборот во Собранието доставила нотарски заверена изјава дека „не е член на политичка партија”, иако во истиот период била советник од редовите на ДПМНЕ во Советот на Општина Струмица.
Партизацијата се надополнува со Маја Бичиклиска, сопруга на поранешниот портпарол на ДПМНЕ, Александар Бичиклиски, кој денес настапува како “подкастер”, очигледно платен од Мицкоски. Бичиклиска во текот на својата кариера била ангажирана во повеќе министерства, а во периодот на владеењето на СДС и ДУИ била и државен советник во Министерството за образование. Симптоматично е што Бичиклиска била поставена за директор на Директоратот за општи работи во МНР токму кога Антонио Милошоски бил министер. Бидејќи и претседателот Илче Мушаревски важи за личен соработник на Антонио Милошоски, очигледна е дека Комисијата работи под директна контрола на Милошоски.
Во составот на Комисијата фигурира и Ирена Брзанова, која била претседател на ова тело во периодот на владеењето на Никола Груевски и истата била дел и од Правната комисија на ДПМНЕ. Уште еден член од правната комисија на ДПМНЕ кој се инсталира во ова тело е и Сашко Груевски, партиски активист кој “зачудувачки”, во време на СДС се вработил во Државниот завод за ревизија, за потоа ДПМНЕ да го награди како член во второстепената комисија.
Член на оваа заробена Комисија е и адвокатката Симона Лескароска, долгогодишен активист на ДПМНЕ и (повторно) член на партиската правна комисија на ДПМНЕ. Постојат индиции дека нејзината позиција во Државната комисија ја користи за застапување на интереси на странки поврзани со нејзината адвокатска дејност.
Во Комисијата фигурира и Вера Димитриева, која претходно работела директно во Кабинетот на премиерот за време на владеењето на Никола Груевски.
За Левица, составот на ова тело отвора сериозен сомнеж дека наместо независна второстепена институција – граѓаните добиле партиски конгломерат составен од кадри со директни врски со ДПМНЕ. Особено загрижуваат информациите од свиркачи за политички ургенции при одлучување по конкретни предмети, што е директен удар врз правната сигурност на граѓаните и довербата во институциите. Левица во наредните денови ќе објави сериозни наводи за бруталната партизација и незаконското работење во Државната комисија за одлучување во управна постапка, постапки од работен однос и инспекциски надзор во втор степен. Државната второстепена комисија мора да функционира како независно тело, наместо како партиски штаб на ДПМНЕ со државен печат.


