
Потпишан е договорот за набавка на 3.300 нови контејнери, со што започнува една од најголемите набавки од ваков тип во изминатите години, насочена кон унапредување на системот за собирање и управување со отпад во Скопје.
Набавката има за цел да придонесе кон почисти населби, намалување на отпадот околу контејнерите, поефикасно и навремено празнење, како и подобрување на условите за работа на екипите на ЈП „Комунална хигиена” – Скопје.
За споредба, во изминатите 12 години биле набавени околу 1.300 контејнери, бројка која не ги задоволува потребите на главниот град. Недостатокот на соодветна опрема резултираше со преполни и оштетени контејнери, наталожен отпад околу нив и нарушување на комуналната слика во повеќе населби.
Со актуелната набавка, значително се зголемува бројот на расположливи контејнери и се создаваат услови за поефикасно функционирање на системот за собирање отпад.



