Утрински Весник
Скопје

Ѓорѓиевски: Мост „Генерал Михајло Апостолски“ – се ослободува трасата за конечно ставање во функција

Image 2026 09 05 135317513.png

Она што со години стоеше заглавено, денес конечно се придвижува. Започна ослободувањето на трасата за ставање во функција на мостот „Генерал Михајло Апостолски“!, напиша градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на својот Фејсбук профил.

-По истекот на рокот за иселување на семејствата чии имоти беа опфатени со завршената експропријација, создадени се услови да продолжиме со следниот, клучен чекор кон неговото отворање. Овој мост предолго беше симбол на застојот и неисполнетите ветувања од моите претходници. Скопјани го нарекуваа „мостот што води во дневна соба“ и „мостот за ловење риба“. Зад тие зборови стоеше оправданото разочарување од проект во кој беа вложени пари, а од кој граѓаните со години немаа корист. На тоа му доаѓа крајот. Мостот конечно ќе ја добие својата вистинска смисла, да ги поврзува луѓето од Гази Баба и Аеродром, да го олеснува сообраќајот и да го скратува времето поминато во градскиот метеж.

Кога ја презедов одговорноста да го водам Скопје, ветив дека овој проблем ќе го решиме во текот на мојот четиригодишен мандат. Денес, за помалку од една година, со гордост можам да кажам дека правиме решителен чекор кон исполнувањето на тоа ветување. Со посветена и макотрпна работа го решивме клучниот предизвик за ослободување на овој дел од трасата – експропријацијата. Паралелно продолжува и експропријацијата на преостанатиот дел од булеварот за целосно завршување на оваа важна сообраќајна врска.

Особена, искрена благодарност им упатувам на семејствата со кои заеднички го овозможивме овој исчекор. Знам дека зад секој дом стојат години живот, спомени и длабока приврзаност. Затоа нивното разбирање, доверба и подготвеност за договор заслужуваат почит. Ви благодарам што подадовте рака и што станавте дел од решението кое носи придобивки за цело Скопје. Вашиот придонес е важен дел од ова ново поглавје за нашиот град.

Ќе продолжам да ја оправдувам довербата дадена од народот со работа, со истрајност и со резултати што ќе се чувствуваат во секојдневниот живот. Продолжуваме уште посилно. За Скопје што поврзува. За Скопје што оди напред, какво што заслужуваме! – стои во објавата на Фејсбук профилот на градоначлникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски.

Можете да прочитате

Меџити: Ветувањето станува реалност, започнува реконструкцијата на „Мит’хат Фрашери”, еден од клучните инфраструктурни проекти за Чаир

Вечерва започнува AERO Street Food Festival

Николоски: Градскиот воз стана нов, побрз и поекономичен јавен превоз за Скопје