Утрински Весник
Македонија

МВР потврди дека Симеон Михаилов се уште се бара

Untitled design.png

Меѓународната потерница по Симеон Михаилов сè уште е активна, потврди Министерството за внатрешни работи за 4NEWS.mk, откако редакцијата побара одговор поради неговото појавување во бугарските медиуми.

Случајот отвори прашања откако на официјалната веб-страница на МВР, во делот „Потраги“, беше забележано дека Михаилов и натаму се бара со меѓународна потерница, додека лице со истото име јавно се појавува во Бугарија и дава изјави за тамошна телевизија.

Редакцијара испрати прашања до Министерството дали потерницата навистина е активна или станува збор за стара информација која не била ажурирана на веб-страницата.

Одговорот од МВР е јасен потерницата се уште важи.

„Ве информираме дека меѓународната потерница за лицето за кое се однесува Вашето прашање сè уште е активна“, се наведува во одговорот на Министерството до 4NEWS.mk.

Редакцијата до МВР достави и фотографија од лицето кое се појавува во бугарските медиуми. Од Министерството во одговорот посочуваат дека од доставената фотографија може да се види дека лицето дава изјава за бугарска телевизија.

„Од фотографијата што ја имате доставено може да се види дека лицето дава изјава за бугарска телевизија“, наведуваат од МВР.

Сепак, Министерството соопштува дека нема информации оти лицето се наоѓа на територијата на Македонија.

„Министерството за внатрешни работи не располага со информации дека лицето престојува на територијата на Македонија“, се наведува во одговорот.

Прашањата до МВР беа испратени откако 4NEWS.mk забележа дека на веб-страницата на Министерството сè уште е објавена меѓународната потерница по Симеон Михаилов, додека лице со истото име се појавува во бугарските медиуми и дава изјави поврзани со судскиот процес за неговата ќерка Ива Михаилова.

Одговорот на Министерството потврдува дека објавената потерница не е само неажурирана информација на веб-страницата, туку дека таа и натаму е активна.

Останува прашањето за престојот на Михаилов и натамошното постапување на надлежните институции, имајќи предвид дека МВР потврдува оти потерницата е активна, а истовремено посочува дека од доставената фотографија е видливо појавување на лицето на бугарска телевизија.

Можете да прочитате

Возрасна жена во Куманово удрена од автомобил, возачот побегнал од местото

Средба на министерот Муцунски со генералниот секретар на Советот на Европа, Алан Берсе

Пијан тетовец ги нападнал сопругата и ќерката, полицијата го уапси