Утрински Весник
Македонија

Воскреснување без докажана штета: Вишото ЈО повторно го отвори „Мазут“

Mazut tec negotino.jpeg

Иако ОЈО ГОКК во мај ја запре истрагата за случајот „Мазут“ поради недостаток на докази, предметот повторно се отвора. Вишото јавно обвинителство Скопје го уважи приговорот на АД ЕСМ и наложи истрагата да продолжи.
Одлуката предизвика реакција кај универзитетскиот професор Гордан Калајџиев, кој во изјава за Канал 5 Телевизија оцени дека постапувањето на Вишото обвинителство отвора прашања за начинот на кој се преиспитуваат одлуките на обвинителите.

„Мене ми изгледа ова дека е практично политички инспирирано. Во дадената ситуација практично нема можност за ревизија на јавнообвинителската одлука што беше донесена. Одлуките што ги донесува Обвинителството се независни, по кои инстанци и кој обвинител ги има донесено, бидејќи внатрешната функционална надлежност е прилично слободна, би рекол, во Обвинителството и не може да глуми повисокиот обвинител некаков сега суд, којшто наоѓа слабости во вештачењето на понискиот, односно надлежниот обвинител што постапува по случајот и да го враќа случајот сега на штета на осомничениот во постапката. Тоа е спротивно на процесни принципи, на идејата за правна сигурност, на пресумпцијата на невиност“ – истакна професорот Калајџиев.

Вишото обвинителство како причина за враќање на предметот ги наведува слабостите во вештачењата. ОЈО ГОКК е задолжено да прибере дополнителни податоци и да нареди нови вештачења.

Но, претходната одлука за запирање на истрагата имаше јасно образложение. Не биле обезбедени докази дека е направена штета од 167 милиони евра, колку што изнесувала пријавата на МВР.

Не било утврдено ниту дека со набавките биле направени незаконитости, а мазутот бил испорачуван навремено и континуирано. Не била утврдена штета за ЕСМ или државниот буџет.

Покрај финансискиот аспект, не беше потврдено ниту загадување од работењето на ТЕЦ „Неготино“. Според официјалните извештаи, во периодот опфатен со истрагата не било регистрирано загадување од централата.

Исто така, не било утврдено надминување на граничните вредности за квалитетот на мазутот.

Финансиските податоци, пак, покажуваат дека ТЕЦ „Неготино“ во 2022 година остварила добивка од приближно 2,25 милијарди денари или околу 36,5 милиони евра.

Анализите на ФЕИТ покажуваат и дека увозот на електрична енергија во критичниот период би чинел околу 880 милиони евра.

Токму затоа, со враќањето на предметот повторно се отвора прашањето на што ќе се темели продолжената истрага и дали новите вештачења ќе дадат конкретни докази за штета и кривична одговорност кои досега не биле утврдени.

Можете да прочитате

Такси се заби во оградата на мостот на булевар „Србија“

РСБСП: Безбедноста на децата во сообраќајот е заедничка одговорност

Филипче од Кочанско: СДСМ ќе предложи законски решенија за помош на оризопроизводителите