Утрински Весник
Скопје

Герасимовски: ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ го отворија патот за спорната градба кај „Кузман”

Image 2026 08 31 201944488 e1788200479808.png

Советниците од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ на денешната 11. седница на Советот на Општина Центар не ја поддржаа Предлог-одлуката за суспензија на дел од ДУП „Буњаковец 1″, со која требаше да се спречи реализацијата на спорната градба кај студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу”, сè додека не се обезбедат безбедни и правно сигурни услови за пристап и реализација на објектот.

За суспензијата гласаа 10 советници, што не беше доволно за донесување на одлуката. Советниците од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ не дадоа поддршка.

Станува збор за градежна парцела на аголот на булеварите „Климент Охридски” и „Митрополит Теодосиј Гологанов”, за која Општина Центар уште минатата година укажа на сериозни безбедносни и правни проблеми.

Единствениот пристап до парцелата минува покрај студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу”, каде што се наоѓа резервоар со запаллива материја што се користи за греење, што претставува потенцијален ризик од пожар.

Дополнително, пристапот до парцелата минува преку подземни инсталации што ја снабдуваат околната населба и студентскиот дом, како и преку објекти легализирани во минатото, за чие отстранување се потребни дополнителни постапки кои можат да предизвикаат сложени правни последици.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, оцени дека советниците од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, со тоа што не дадоа поддршка за суспензијата, наместо да го заштитат јавниот интерес, го отворија патот за реализација на спорната градба.

„Минатата година Советот со 19 гласа ЗА ја поддржа суспензијата затоа што сите бевме свесни за ризиците што ги носи оваа градба. Денес, проблемите се исти – нема соодветен и безбеден пристап, трасата минува покрај резервоар со запаллива материја, преку подземни инсталации и преку легализирани објекти. И покрај тоа, советниците од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ останаа воздржани и не дозволија суспензијата да биде изгласана. Кога знаете дека постојат вакви ризици, а сепак не гласате за суспензија, тогаш оправдано се поставува прашањето чиј интерес штитите – на граѓаните или на инвеститорот? За мене безбедноста и интересот на граѓаните мора да бидат пред секој друг интерес”, изјави Герасимовски.

Ставот на градоначалникот останува непроменет – на оваа локација не треба да се дозволи реализација на објект додека не се обезбедат целосно безбедни и законски услови за пристап, без загрозување на жителите, студентите и постојната инфраструктура.

Можете да прочитате

Изгласан новиот ребаланс на буџетот на Град Скопје

ДОМ: Поддршка на петицијата на „Шанса за Центар” – стоп за бетонизацијата и уништувањето на Водно

Нелегалниот пешачки премин кај Бит-пазар станува легален и ќе добие и семафори