Утрински Весник
Магазин

Истражување: Засладувачот ксилитол го зголемува ризикот од мозочен, срцев удар и смрт

Image 2026 08 28 201154277.png

На годишниот конгрес на Европските кардиолошки друштва, што се одржува од денеска до 31 август во Минхен, презентиран е извештај од најголемото истражување за долгорочните ефекти од вештачкиот засладувач ксилитол врз човековото здравје.

Според резултатите од истражувањето засладувачот ксилитол, што се додава во гумите за џвакање, пастите за заби и џемовите, е поврзан со зголемен ризик од мозочен, срцев удар и смрт.

Ксилитолот е шеќерен алкохол и природно се наоѓа во некои прехранбени производи, но во многу мали количини. Како засладувач, се додава во храна, пијалаци и производи за орална хигиена, во концентрации што можат да бидат до илјада пати повисоки од природните.

Научниците анализирале податоци од 17.710 луѓе. Тие споредиле една четвртина од учесниците со највисоки нивоа на ксилитол во крвта со една четвртина од оние со најниски нивоа. Резултатите покажуваат дека групата со највисоки нивоа на ксилитол имала 57 проценти поголема веројатност да умре, да добие срцев или мозочен удар во рок од шест години.

Истражувањето покажува дека колку е повисоко нивото на ксилитол во крвта, толку е поголема стапката на кардиоваскуларни проблеми без оглед на возраста, полот, индексот на телесна маса, крвниот притисок, дијабетесот или нивото на масти во крвта.

Авторот на студијата, д-р Марко Витковски, од Универзитетската болница „Шарите“ во Берлин, истакна дека наодите се надополнуваат со претходните истражувања, кои веќе предизвикаа загриженост.

Во претходните студии покажавме дека ксилитолот може да ја зголеми способноста на тромбоцитите да формираат згрутчувања … Нашите долгорочни наоди кај општата популација покажуваат колку малку знаеме за безбедноста на ксилитолот за срцето и крвните садови. Ова укажува на потребата од понатамошни истражувања, особено затоа што количината на ксилитол во производите постојано се зголемува, посочи д-р Витковски.

Тој додаде дека луѓето консумираат вештачките засладувачи бидејќи мислат дека се поздрави од шеќерот и генерално се сметаат за безбедни од регулаторните агенции.

Професорот Ден Атар, член на Комитетот за комуникации на ESC, кој не беше вклучен во студијата, ги коментираше наодите.

Вештачките засладувачи се широко прифатени од современото општество, а регулаторните тела ги имаат оценето како безбедни. Сепак, во оваа опсервациска студија, се чини дека ксилитолот има долгорочен негативен ефект врз кардиоваскуларното здравје кај општата популација. Како и со сите вакви студии, тешко е директно да се докаже причината и последицата, но оваа студија покажува дека се потребни понатамошни истражувања на оваа општествено важна тема, посочи професорот Ден Атар, кој не беше вклучен во студијата.

Додека нутриционистката во Британската фондација за срце, Дел Стенфорд наведе дека истражувањето покажало дека вештачките засладувачи можат да влијаат врз човековото здравје.

Истражувањето додава докази дека вештачките засладувачи би можеле да влијаат на нашето здравје. Важно е да се напомни дека ова беше опсервациска студија, што значи дека може да покаже само поврзаност, а не да докаже дека ксилитолот е директна причина. Затоа се потребни понатамошни истражувања. Сепак, ова не е дозвола да консумираме повеќе шеќер наместо тоа, бидејќи сè уште треба да го намалиме внесот на слободни шеќери. Истражувањето нè потсетува дека сите треба да го намалиме внесот на преработена храна и пијалаци, кои често се полни со шеќер, сол или засладувачи, и да се фокусираме на балансирана исхрана, потенцира Стенфорд.

Ксилитолот е засладувач од шеќерен алкохол, што се користи како природна замена за белиот шеќер, а познат е и како дрвен шеќер, бидејќи најчесто се добива од брезата. Ксилитолот е присутен и во влакната на многу овошја и зеленчуци и може да се екстрахира од разни бобинки, овес и печурки, како и од влакнести материјали како што се пченкарна свила и шеќерната трска.

Ксилитолот многу отровен за кучиња и други домашни миленици. Дури и мали количини можат да бидат опасни по нивниот живот.

Можете да прочитате

Богатите повеќе не купуваат само статус, туку здравје, време и долговечност

Избрана погрешна девојка на изборот за „Мис универзум на Хаити 2026“

Во Шпанија се одржа светски познатиот фестивал „Ла томатина“