Утрински Весник
Македонија

Дали „Арена“ емитува законски во Македонија? ММА и МРТ обвинуваат, АВМУ демантира

Screenshot 2026 08 27 164749.jpg

Петте национални телевизии здружени во Македонската медиумска асоцијација (ММА) и јавниот сервис МРТ упатија сериозни обвинувања до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) за начинот на кој се третираат спортските канали „Arena M1“, „Arena M2“ и „Arena M3 Premium“. АВМУ, пак, ги отфрли обвинувањата како неточни и неосновани.

Од ММА и МРТ тврдат дека располагаат со материјални докази оти каналите подолг период функционираат без домашна дозвола, иако, според нив, продукцијата, новинарите, коментаторите и гостите се во Скопје, студиските емисии се произведуваат во земјава, а програмата се емитува на македонски јазик.

Тие посочуваат и дека каналите не се заведени во евиденцијата на српскиот регулатор РЕМ, додека во операторските евиденции одобрени од АВМУ се третираат како странски програмски сервиси.

ММА и МРТ бараат надлежните институции да испитаат дали на овој начин била заобиколена обврската за поседување дозвола, дали е предизвикана штета на буџетот и дали постои одговорност кај сопствениците, одговорните лица и службеници во АВМУ. Дополнително бараат да се испита и евентуално неовластено користење премиум спортски телевизиски права.

Најавија дека ќе поднесат соодветни поднесоци до Јавното обвинителство и МВР, а предупредија дека нема да дозволат сличен модел да биде применет и за најавениот „Еуроњуз Македонија“.

На обвинувањата реагираше АВМУ, од каде категорично тврдат дека постапуваат согласно законските надлежности и врз основа на документација и информации добиени од домашни институции и релевантни странски субјекти.

Според Агенцијата, „Arena M1“, „Arena M2“ и „Arena M3 Premium“ се третираат како странски програмски сервиси кои се реемитуваат во земјава бидејќи нивниот изворен сигнал не се емитува од територијата на Македонија.

АВМУ ги отфрла и тврдењата дека овозможила заобиколување на законските обврски и ги повика ММА и МРТ, доколку располагаат со докази за незаконско постапување, да ги достават до надлежните институции.

Можете да прочитате

Уште едно возило опожарено синоќа во Скопје

Бугарскиот амбасадор повикан во МНР поради пречекот на Ива Михајлова

Почнува вакцинацијата против сезонски грип: Првите 30.000 дози веќе се во Македонија