
Словачката полиција спречи обид за палење на фабрика во сопственост на украинскиот производител на дронови „Скајтон“, која се наоѓа на истокот од земјата. Полицијата вчера објави детали за операцијата, со кодно име „Дрон“, објави украинскиот портал „ Милитари“ .
„Русите го прават тоа“
Претставник на Скајтон изјави дека Русија редовно се обидува да напаѓа компании што работат за Украина. „Русите систематски се обидуваат да ги таргетираат нашите производствени капацитети во Украина, како и да го оштетат нашиот углед. Неодамнешниот обид за напад на нашиот објект во Словачка е уште еден доказ дека станавме сериозен проблем за руската страна, што значи дека сме на вистинскиот пат. Им се заблагодаруваме на сите служби и полицајци кои помогнаа да се спречат нападите и да се апсат вклучените во ова кривично дело“, соопшти компанијата.
Спречена е повеќемилионска штета
Нападот можел да предизвика пожар од големи размери и огромна материјална штета. Според полициските информации, околу 70 вработени можеби биле во зградата во времето на планираниот напад. Вредноста на имотот во рамките на производствениот погон се проценува на десетици милиони евра.
Единицата за сузбивање на криминалот (ÚBOK) започна истрага откако доби информации од словачката разузнавачка служба и воената разузнавачка агенција. Полицијата ги идентификуваше лицата кои го планираа нападот и ги уапси.
За време на операцијата, запленети се запаливи материи, алатки, мобилни телефони, акциона камера и рачно нацртан план. Прелиминарните вештачења покажаа дека запленетата смеса се состои од бензин и полистирен, супстанца попозната како напалм.
Тројца уапсени
Словачката полиција приведе двајца осомничени, а истражителот побара тие да бидат притворени. Третиот осомничен е уапсен во Германија врз основа на европска потерница.



