Утрински Весник
Македонија

Левица: Планира ли некој да ја извести Јаневска дека студентскиот оброк, спротивно на Закон, три години не е покачен или свесно продолжува да лаже?!

Levicza 2.jpg

Соопштение за јавност на Левица:

Откако неколкупати ѝ укажавме на Весна Јаневска дека студентскиот оброк останал закован на 140 денари од 2023 година, министерката реши да оди чекор подалеку и сега соопшти дека не планира ни да го зголеми, бидејќи, замислете, „студентите не се пожалиле”. Ова веќе го оценуваме како кулминација на дрскоста. Министерката од нас беше јавно предупредена дека постои законска обврска за усогласување, пред носењето на буџетот, а таа сега се однесува како примената на закон да зависи од тоа дали некој студент ѝ се пожалил во кабинет. Од кога законските права во Македонија се активираат со поплака до Весна Јаневска?

Ајде уште еднаш, бидејќи очигледно никој во МОН и УМС нема храброст да ѝ објасни на министерка што прави нејзиното Министерство. Кога ДПМНЕ дојде на власт во 2024 година, студентскиот оброк изнесуваше 140 денари (што впрочем и самата Јаневска го призна на ТВ24). 140 денари изнесува уште од 2023 година. На 14 август 2024 година, веќе со Јаневска на чело, МОН распишува јавен повик за субвенциониран студентски оброк во износ од 140 денари. Во април 2025 – повторно 140 денари. За академската 2025/2026 – повторно 140 денари. И денес повторно за 140 денари. Доволно е Министерката да го отвори најновиот јавен повик на сопственото Министерство. Таму нема ни 147, ни дополнителни 20 денари со кои продолжува да лаже дека се зголемил студентскиот оброк по доаѓањето на ДПМНЕ. 

А кога веќе Јаневска смета дека 140 денари се доволни, нека им објасни на студентите каков здрав, пристоен и нутритивно вреден оброк денес можат да купат за 140 денари. Цените на храната не останаа на нивото од моментот кога беше утврден овој износ. Само студентската субвенција остана иста, повторно ќе укажеме – спротивно на закон! 

Тука најдобро се гледа класната безобразност на оваа вмровска власт. За функционерските привилегии никој не чека министрите да се пожалат. Никој од власта не предлага тие први да се откажат од удобностите што ги плаќаат граѓаните за да покажат дека може да се живее скромно. Но кога станува збор за студентски ручек, одеднаш секој денар е проблем и студентите требало прво да молат за да добијат нешто што не е милостина од ДПМНЕ, туку законски уредено право. За власта комфор, за студентот 140 денари и совет да не се жали. Тоа е целата младинска политика на ДПМНЕ.

И затоа Јаневска нека престане да ги прави студентите будали. Владата на ДПМНЕ во ниту еден момент не го покачила студентскиот оброк, а согласно Законот кој е на сила – државата ги има ограбено студентите за околу 6,5 милиони евра!

Можете да прочитате

Во струмичко село пронајдена марихуана, уапсени две лица

Исени: Заштитата на децата во дигиталната средина е заедничка одговорност на институциите и општеството

Ковачевски: САД и Кина имаат среќа што го немаат Пехчево