
Опасен тренд на социјалните мрежи предизвикува загриженост откако на Инстаграм се појавија видеоснимки на кои се гледаат малолетници како влегуваат во туѓи и необезбедени објекти, кршат катанци и се искачуваат на згради и други високи и ризични места.
По пријава од редакцијата на 4news.mk, Министерството за внатрешни работи потврдило дека Секторот за компјутерски криминал ќе започне постапка за откривање на лицата поврзани со објавените снимки.
Видеата се објавуваат на Инстаграм-профилот „zycx_urbex“, наменет за таканаречено „урбано истражување“. На дел од снимките се гледаат две млади лица кои се впуштаат во исклучително ризични активности за потребите на содржините што потоа ги објавуваат на социјалната мрежа.
Според објавените материјали, тие влегуваат во објекти без дозвола, пристапуваат до простори кои не се наменети за јавноста и се искачуваат на високи конструкции. На дел од содржините се забележуваат и дејствија со катанци и друга опрема за обезбедување на објектите.
Освен прашањето за евентуална законска одговорност, ваквите постапки претставуваат и сериозен безбедносен ризик. Движењето по покриви, високи објекти, телекомуникациски или други инфраструктурни конструкции може да заврши со тешка повреда или трагедија.
Редакцијата на 4news.mk го пријавила случајот во МВР и побарала информација дали полицијата претходно била запознаена со профилот и дали се преземаат активности за утврдување на идентитетот на лицата од снимките. До надлежните, како што наведува медиумот, биле доставени линк до профилот и дополнителен материјал обезбеден во рамки на новинарското истражување.
Од Секторот за компјутерски криминал при МВР одговориле дека до пријавата не биле запознаени со профилот и објавените клипови, но најавиле дека ќе постапат.
„Ве информираме дека Секторот за компјутерски криминал не е запознаен со пријавениот профил и клиповите објавени во него. Ве информираме дека од страна на Секторот за компјутерски криминал ќе биде започната постапка за откривање на сторителите“, се наведува во одговорот од МВР до редакцијата на 4news.mk.
Случајот повторно го актуализира и прашањето за влијанието на содржините на социјалните мрежи врз младите. Трката по прегледи, следбеници и реакции може да ги поттикне корисниците да преземаат сè поекстремни активности, при што опасноста не е само од евентуални правни последици, туку и од сериозно загрозување на сопствениот и туѓиот живот и безбедност.
Особено загрижува фактот што ваквите видеа можат да станат пример за други малолетници и да поттикнат повторување на опасните постапки.
Сега се очекува постапката на МВР да утврди кои се лицата од снимките, што точно се случувало на локациите и дали постојат елементи за понатамошно постапување на надлежните институции.

