Утрински Весник
Македонија

Уапсен Македонец во Србија, осомничен дека е платен убиец

Img 2420.jpeg

Српската полиција уапсила државјанин на Македонија во близина на Прибој, под сомнение дека влегол во Србија како ангажиран извршител на нарачано убиство, објави српски „Телеграф“, повикувајќи се на полициски извори.

Засега нема официјални информации кој требало да биде цел на наводно планираната ликвидација, а истрагата треба да ги утврди сите околности околу случајот.

Според информациите што ги пренесува медиумот, осомничениот наводно бил евидентиран од безбедносните служби како платен убиец кој работел за кавачкиот клан. Тој, според истите извори, претходно бил доведуван во врска и со обид за убиство на Марко Љубиша Кан.

Овие тврдења засега не се официјално потврдени од српското Министерство за внатрешни работи.

„Телеграф.рс“ објавува дека за планираната ликвидација на осомничениот наводно однапред му била исплатена значителна сума пари. Не се наведува за колкав износ станува збор.

По добиени оперативни сознанија дека на подрачјето на Прибој се наоѓа опасен осомничен, полицијата ангажирала засилени сили и го блокирала теренот. Акцијата завршила со негово апсење.

Истрагата треба да покаже кој бил наводната мета, но и дали осомничениот по влегувањето во Србија имал логистичка поддршка. Се проверуваат можни локации и лица кои би можеле да му помогнале во подготовката на планираното кривично дело.

На македонскиот државјанин му е определено полициско задржување до 48 часа, по што, според информациите на српскиот медиум, со кривична пријава треба да биде изведен пред надлежното обвинителство.

Можете да прочитате

Пукано во автомобил во Арачиново, двајца повредени

Македонија во пламен – активни се 10 пожари

Пијан скопјанец ги претепал мајка си и сестра си