
Единицата за брзо распоредување (ЕБР) денеска во Битола одбележа 25 години од своето формирање, јубилеј посветен на четврт век служба во функција на безбедноста на граѓаните и државата. На свеченоста пред Офицерскиот дом беа истакнати улогата на единицата во безбедносниот систем, нејзиниот развој од формирањето во 2001 година до денес, како и заложбите за натамошна модернизација, опремување и професионално усовршување на припадниците.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оцени дека ЕБР е еден од најважните оперативни сегменти на македонската полиција и еден од столбовите на безбедносниот систем.
„Кога ситуацијата бара брза реакција, високо ниво на подготвеност, дисциплина, координација и професионалност, припадниците на оваа единица се таму каде што се најпотребни“, истакна Тошковски.

Осврнувајќи се на идниот развој на полицијата и безбедносните предизвици, министерот потенцираше дека организираниот криминал и современите ризици бараат нов пристап, модерна опрема и врвно обучен кадар.
– Безбедносните предизвици денес се многу поразлични од оние пред дваесет и повеќе години. Организираниот криминал постојано се менува. Криминалните структури стануваат сѐ помобилни и пософистицирани. Современите безбедносни ризици бараат побрза размена на информации, подобра координација, современа технологија, специјализирана опрема и, пред сѐ, врвно обучени луѓе. Затоа не можеме полицијата на иднината да ја градиме со методите од минатото. Нашата цел е јасна: модерна, професионална, добро опремена и мотивирана македонска полиција, способна да одговори на сите предизвици на современото време – рече Тошковски.

Командантот на ЕБР, Стојанче Николов, нагласи дека 25-годишниот јубилеј е повод за гордост, но и потсетник на одговорноста што ја носат припадниците на единицата.
„Одбележуваме четврт век единство, пожртвуваност, дисциплина, професионалност и служба. Одбележуваме 25 години Единица за брзо распоредување“, истакна Николов.
Во рамки на одбележувањето беше изведена тактичко-показна вежба, преку која припадниците на ЕБР ги презентираа своите способности и оперативна подготвеност. Посетителите имаа можност да ја разгледаат и специјализираната опрема што ја користи единицата.

По повод јубилејот беа доделени благодарници и плакети. За најдобар припадник на ЕБР во изминатата година беше прогласен Драган Атанасов.
Плакета му беше врачена и на градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, а признанија добија и повеќе лица за придонес во поддршката и унапредувањето на проектите на ЕБР.
Вкупно 33 припадници на единицата добија плакети за 25 години поминати во ЕБР.



