
Интегрален текст од прес-конференција на Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ:
Почитувани,
По 5 години и голем број на докази, Абази го заштити Филипче со чување на предметот и доказите во фиоките на обвинителките Вилма Русковска и Елизабета Јосифовска од СЈО.
Еве зошто Филипче, кој треба да одговара за модуларните болници, Абази директно го заштити.
Имено, Артан Етеми, поранешниот економски директор на тетовската болница, кој беше осуден на една и пол година затвор за случајот со модуларната болница, до последен момент одбивал да ја прими и да ја пушти во употреба модуларната болница.
Да потсетиме, болниците кои биле набавени и поставени како стоки, кои во ниту еден случај не можат да бидат користени како објекти за здравствена дејност, биле направени според техничка спецификација на лице поставено од Венко Филипче.
Зошто повторно го споменуваме ова? Затоа што повеќето директори на болници низ целата Македонија се противеле на поставување на модуларни болници, бидејќи немало приклучоци, немало надзор, немале средства за да платат приклучоци, да ангажираат фирми итн.
Во овој дел, Светска банка барала да види одобренија за поставување и употреба на модуларните болници и извод од Катастар, со цел за да се покаже одржливост на проектот. Но, одобрение не можела да издаде ниту општината, ниту Министерството за транспорт и врски, бидејќи не е запазена процедурата и одредбите од Законот за градење.
Катастарот одбивал да врши упис на истите, бидејќи се набавени како стоки и нема извештај од надзор, согласно член 74 од Законот за градење, за да се запишат, а Катастарот врши упис само на недвижности.
Економскиот директор на тетовската болница, каде што се случи пожарот, до последен момент се противел на поставување на модуларните болници, бидејќи не се опремени за да се издава здравствена и медицинска нега ниту пак биле во рамките на законските прописи. Сепак, со одлука на Министерството за здравство и тогашниот министер Венко Филипче, модуларните болници се пуштаат во употреба.
Клучен факт е дека во моментот на критичниот настан, модуларната болница во Тетово нема одобрение ниту за поставување, ниту за употреба од Министерството за здравство. Болницата изгорела за неполни две минути, за што има и снимки, листа на документи и докази кои Јавното обвинителство ги криеше.
Бараме одговори од Абази, зошто ОЈО ГОКК го заштити Филипче? Зошто обвинетите, поранешни директори на тетовската болница рекоа дека вистинскиот виновник треба да седи до нив на обвинителната клупа, а тоа е Венко Филипче?


