Утрински Весник
Македонија

Одговорноста како изгубена вредност – 24info.mk

Trlinmiroslav.jpg

Пишува: Мирослав Трлин, дипломиран економист во пензија

Одговорноста е вредност што секој ја очекува од другите, а најтешко ја бара од себе. Таа е клучот за тоа дали нашето општество функционира или се распаѓа одвнатре. Во оваа колумна ќе се обидеме да го разбереме значењето на одговорноста, зошто ја губиме и што можеме да добиеме ако ја вратиме како суштинска вредност во секој аспект од животот.

Во општество каде што ретко се бара одговорност, сѐ е дозволено – барем така изгледа.  Не затоа што нема закони, туку затоа што нема последици. А таму каде што нема последици, одговорноста престанува да биде вредност и станува слабост.

Денес живееме во амбиент во кој одговорноста сè поретко се бара, а сè почесто се избегнува. Грешките не се признаваат, туку се релативизираат. Неуспехот не се санкционира, туку се прикрива. Наместо отчет, добиваме објаснувања. Наместо последици – молк.

Според моето видување, чувството за одговорност е рефлексија на воспитно-образовниот процес, но и на капацитетот на личноста тоа пренесено да го прифати и вгради во себе како носечка димензија на своето вкупно животно делување. Тоа не е прост збир на насоки, туку сложена комбинација од влијанието на околината, личните искуства и условите во кои човекот се обликува низ животот. Затоа одговорноста не се создава со декрет – таа се гради или се губи, и тоа многу порано отколку што станува видлива во јавниот живот.

Дел од причините за ваквиот однос кон одговорноста може да се бараат и во начинот на кој ја разбираме и практикуваме демократијата. Да бидеме еднакви по дипломите не значи дека сме идентични по знаењето, искуството и способностите. Како што еднаквоста на правата не значи идентичност на луѓето, така ни еднаквоста пред системот не може да значи дека сите сме еднакво компетентни за секоја одлука и секоја одговорност.

Идејата дека „сите сме еднакви“, како темелна вредност во однос на правата, во пракса често погрешно се толкува како еднаквост во знаењето, одговорноста и способноста за носење одлуки. Така, наместо принцип на праведност, таа станува изговор за изедначување на тежината на секоја одлука, без оглед на компетентноста на оној што ја носи. Во таква поставеност, системот станува попривлечно место за оние што се движат по линија на помал отпор, при што одговорноста не само што се потиснува, туку постепено го губи и своето изворно значење.

Ако на општеството му пристапиме и од едно поинакво, условно кажано математичко гледиште, ќе забележиме дека резултатите секогаш зависат од вредностите што ги внесуваме во системот. Кога апстрактните знаци ќе ги замениме со конкретни човечки квалитети – знаење, одговорност, интегритет – станува јасно дека различните комбинации неминовно водат до различни исходи. Оттука, не е сеедно кој носи одлуки, ниту со каква свест и одговорност го прави тоа.

Кога на врвот од системот одговорноста изостанува, тоа не останува изолиран проблем. Тоа станува модел. Она што граѓаните го гледаат како однесување на институциите, постепено го прифаќаат како нормално. Така се создава затворен круг во кој неодговорноста се репродуцира – од врвот кон основата, и од основата назад кон врвот.

Последиците се видливи насекаде. Довербата исчезнува. Цинизмот станува доминантен став. Се создава чувство дека правилата важат само за некои, а не за сите. Во таква средина, чесноста престанува да биде предност и почнува да изгледа како наивност.

И тука доаѓаме до суштинското прашање: дали одговорноста треба да се наметне од горе, или да се изгради од долу? Реалноста е дека без пример од врвот, тешко се гради култура на одговорност. Но исто така е точно дека без лична одговорност кај секој поединец, ниеден систем не може да функционира.

Затоа решението не е еднострано. Не може да се бара само од институциите, ниту пак да се префрли целата тежина врз граѓаните. Одговорноста мора да стане заеднички принцип – и на тие што управуваат, и на тие што избираат, и на тие што секојдневно учествуваат во општествениот живот.

Иднината можеби изгледа неизвесна, но вистината е поедноставна – нејзината извесност зависи од сите нас. Почнувајќи секој од своето „двориште“, од сопствената одговорност, за да можеме еден ден со право да кажеме – Terra est stella.

Можете да прочитате

11 возачи уапсени за едно денонoќие, меѓу нив и малолетник

61-годишен маж секојдневно полово вознемирувал жена на работното место

ССМ одбележа 80 години од формирањето