Утрински Весник
Македонија

Tурција на нова историска раскрсница

Salim kerimi.jpeg

Пишува: Салим Кадри Керими, историчар – дипломат во пензија

Два настани што можат да најават нова етапа во турската надворешна политика

Деновиве, на турската политичка сцена, два мошне важни настани привлекоа особено внимание: потпишувањето на Меканскиот заеднички одбранбен договор меѓу Саудиска Арабија, Турција и Пакистан, на 7 август 2026 година, и изјавата на претседателот Реџеп Таип Ердоан, од 15 август 2026 година, според која членството на Република Турција во Европската Унија повеќе не е приоритет за Анкара. Секој од овие настани може да се анализира одделно. Но, кога ќе се стават еден до друг, тие отвораат многу посериозно прашање: дали Турција започнува нова фаза во дефинирањето на своето место во меѓународниот поредок?

Меканскиот договор – нова регионална безбедносна рамка

На 7 август 2026 година, во Мека беше потпишан договор меѓу Саудиска Арабија, Турција и Пакистан, со кој, меѓу другото, трите држави преземаат обврска вооружениот напад врз една од нив да го третираат како напад врз сите. Договорот е значаен не само по својата содржина, туку и по составот на неговите потписнички. Турција е членка на НАТО и една од најзначајните воени сили на алијансата; Пакистан е нуклеарна сила со големо воено искуство; Саудиска Арабија располага со огромни финансиски и енергетски ресурси и има значајна улога во арапскиот и исламскиот свет.

Токму затоа, договорот постигнат во Мека не треба да се гледа само како уште еден трилатерален договор за воена соработка. Неговото вистинско значење допрва ќе се утврдува. Според досега објавените информации, договорот предвидува создавање механизми за политичка и воена координација, заеднички воени вежби и продлабочување на соработката во одбранбената индустрија, вклучително и во областа на современите технологии.

Турција истовремено нагласува дека договорот не е замислен како замена за постојните сојузи и дека е отворен за други држави. Како можни идни членки деновиве беа споменати Египет и Катар. Но, што би значело доколку во догледно време на оваа безбедносна рамка му се приклучи, на пример, и Иран?

Доколку договорот остане ограничен на трите потписнички, неговото значење ќе биде пред сè регионално. Но, доколку во иднина се прошири со нови членки, тој би можел да прерасне во поширок безбедносен механизам во исламскиот, блискоисточниот и поширокиот регионален простор. Токму затоа не би било претерано да се каже дека Меканскиот договор може да биде почеток, а не крај, на еден нов процес.

Поздравувањето на овој договор од страна на претседателот на САД, Доналд Трамп, ме наведува на помислата дека евентуалното членство на Иран во оваа безбедносна рамка, најмалку во догледно време, сепак нема да се случи.

Од европската перспектива кон поширок геополитички простор

Само осум дена по потпишувањето на договорот во Мека, претседателот Ердоан даде изјава која може да има уште подлабоко политичко значење. Имено, во интервјуто за „Ал Џезира“ на 15 август 2026 година, тој, меѓу другото, изјави дека членството на Турција во Европската Унија повеќе не е приоритет за Анкара. Според неговото објаснување, Европа очигледно не е подготвена да ја прими Турција, а доколку Турција остане надвор од Унијата, поголем губитник ќе биде Европа.

Ова, меѓутоа, не значи дека Турција формално се откажала од својот кандидатски статус или дека ги прекинува односите со Европската Унија. И покрај тоа, политичкиот речник на оваа изјава е многу значаен.

Како што е познато, „одисејата“ на Република Турција кон полноправното членство во ЕУ трае со децении. Во 1999 година таа стана кандидат за членство, додека преговорите за членство ги започна во 2005 година. Меѓутоа, од тогаш до денес, главно поради неподготвеноста на дел од најмоќните земји членки на Унијата, овој процес е во целосен застој, без реални изгледи за негово деблокирање.

Затоа, изјавата од 15 август 2026 година може да се разбере и како своевидно „признавање на реалноста“ која постепено се создаваше со години: европската интеграција повеќе не е централната стратешка цел околу која Анкара ја гради својата надворешна политика.

Дали Турција се оддалечува од Западот?

На ова прашање не треба да се даде брз и едноставен одговор. Република Турција е членка на НАТО; има длабоки економски, политички и безбедносни врски со европските држави и со Соединетите Американски Држави. Таа во минатото безброј пати покажала и докажала дека е определена за градење цврсти сојузнички односи со европските партнери и за полноправно членство во ЕУ. Затоа, би било погрешно Меканскиот договор и изјавата на претседателот Ердоган од 15 август автоматски да се толкуваат како напуштање на западниот безбедносен систем.

Но, истовремено, би било исто толку погрешно да се занемари она што очигледно се случува. Турција во последните години настојува да ја прошири својата стратешка автономија и да не зависи само од еден политички и безбедносен центар. Покрај односите и соработката со европските партнери и САД, таа гради и ги продлабочува односите со земјите од Балканот, Блискиот Исток, Кавказот, Централна Азија, Африка, Азија и други региони. Меканскиот договор се вклопува токму во таквата политика. Оттука, можеби не станува збор за избор „Европа или исламскиот свет“, туку за настојување Турција да биде присутна и влијателна во повеќе геополитички простори истовремено.

Дали 7 и 15 август 2026 година навистина ќе бидат запаметени како историски датуми за Турција? Одговорот ќе го даде времето. Историјата не ги определува пресвртниците само врз основа на намерите на политичарите, туку пред сè врз основа на нивните долгорочни резултати и последици.

Сепак, денес може да се постави следното прашање: Дали во август 2026 година започнува постепеното преформулирање на турската надворешнополитичка стратегија – од стремежот кон европска интеграција кон политика на поголема стратешка автономија и посилно регионално позиционирање?

Мојот одговор би бил: можно е, но за дефинитивен заклучок е потребно време. Она што, сепак, веќе може да се констатира е дека Турција повеќе не сака својата иднина да ја гледа исклучиво низ европската перспектива. И тоа е голема промена.

Што значи тоа за нашиот – Балкански регион?

Прашањето има посебно значење за Балканот. Турција со децении има значајни историски, културни, економски и политички врски со балканските држави. Во последните години нејзиното присуство во регионот дополнително се зголеми и продолжува да се зголемува.

Доколку Анкара во иднина продолжи да ја гради својата политика врз принципот на поголема стратешка автономија, Балканот би можел да добие уште поголемо значење во турската надворешна политика. За државите од регионот тоа отвора нови можности, но и нови предизвици.

Особено за Македонија, со која Турција има традиционално добри политички и пријателски односи, промената на турската геополитичка ориентација заслужува внимателно следење. Не само поради билатералните односи, туку и поради фактот што Македонија е дел од Балканот, НАТО и европскиот политички простор.

Токму затоа, промените во турската надворешна политика не се само турско прашање. Тие се и балканско, европско и пошироко меѓународно прашање.

Можете да прочитате

Лефков: Филипче и СДС останаа заробени во сопствените лаги, ВМРО-ДПМНЕ одговара со факти и резултати

Левица: Се краде од студентите за да им се даде на пензионерите

Пронајдени 10 лица мигранти од Египет, приведен криумчарот од Латвија