
Повеќе од 700 камиони натоварени со меѓународна хуманитарна помош пристигнаа во Авганистан преку Пакистан и покрај речиси целосното затворање на границата меѓу двете земји, кои се во конфликт една со друга, соопштија денеска ОН.
Конвојот е натоварен со „храна и основни хуманитарни производи“, изјави Олга Черевко, портпаролка на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни работи (OCHA) во Авганистан.
„724 камиони натоварени со хуманитарна помош влегоа во Авганистан, достигнувајќи до најсиромашните семејства“, изјави Мохамед Јахја, резидентен координатор на ОН во Пакистан, на социјалната мрежа X, заблагодарувајќи им се на Исламабад и „сите оние кои помогнаа хуманитарната помош да биде достапна“.
Сериозниот проблем со неухранетоста кај децата во Авганистан достигна критични нивоа оваа година, предупреди Светската програма за храна претходно овој месец.
По смртоносниот земјотрес минатата година, неколку природни катастрофи оваа година и враќањето на милиони Авганистанци од Иран и Пакистан од 2023 година, речиси една третина од населението на Авганистан од повеќе од 45 милиони се соочува со акутен недостиг на храна, се наведува во соопштението.
Конфликтот со Пакистан, кој доведе до речиси целосно затворање на копнената граница меѓу двете земји од октомври 2025 година, сериозно ги наруши логистичките правци за испорака на хуманитарна помош.



