Утрински Весник
Македонија

Демир Капија ја забрани водата за пиење и готвење

Voda.jpg

Локалните власти и ЈКП „Бошава“ воведоа целосна забрана за пиење и подготовка на храна со водата од градскиот водовод во Демир Капија, откако две лабораториски анализи направени во различни институции покажале спротивставени резултати за нејзината исправност.

Според информациите од комуналното претпријатие, примероците биле земени во понеделник и вторник од истото мерно место, но анализите не дале ист одговор на прашањето дали водата ги исполнува условите за пиење.

„Анализата на примерокот земен во понеделник од страна на Институтот за јавно здравје – Скопје покажува дека водата не ги исполнува условите пропишани со Правилникот за вода за пиење. Од друга страна, анализата на примерокот земен во вторник од страна на Центарот за јавно здравје – Велес покажува дека водата ги исполнува условите согласно Правилникот за вода за пиење“, соопштија од ЈКП „Бошава“.

Поради различните лабораториски наоди и неизвесноста околу квалитетот на водата, надлежните одлучиле превентивно да воведат забрана за нејзино користење за пиење и подготовка на храна.

За да се утврди фактичката состојба, за понеделник е најавена супер-анализа, чии резултати треба да дадат конечен одговор за исправноста на водата од градскиот водовод.

„Затоа, водата од водоводот во Демир Капија се забранува за пиење и подготвување на храна! Забраната ќе важи до добивањето на конечните резултати од супер-анализата“, информираат од ЈКП „Бошава“ – Демир Капија.

До добивањето на конечните резултати, граѓаните треба да ја почитуваат забраната и водата од градскиот водовод да не ја користат за пиење и подготовка на храна.

Можете да прочитате

ЗЕМЈОТРЕС ВО МАКЕДОНИЈА: Епицентарот во близина на Охрид

Дошле да му ја спасат шталата, тој ги нападнал – двајца пожарникари нападнати кај Прилеп

Петровска: Наместо чаши вода пред камерите, јавноста заслужува одговори за труењето!