
Пожарот кој се прошири од правец на селото Моране зафати дел од подрачјето на селото Габер, каде што противпожарните екипи во текот на целиот ден водеа борба со огнената стихија. Поради тешкиот и непристапен терен, во гаснењето од воздух беа вклучени и три авиони „Ер Трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување.
На терен во Габер е директорот на Центарот за управување со кризи, заедно со командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје, Звонко Томевски, и екипите на Бригадата.
Интервенцијата е значително отежната поради конфигурацијата и непристапноста на теренот, што го ограничува ефикасното дејствување на противпожарните екипи од земја. Токму поради тоа, значајна поддршка во текот на денот обезбедија трите „Ер Трактори“, кои интервенираа од воздух врз најкритичните делови од пожарот.
Противпожарните екипи нема да го напуштат теренот во текот на ноќта. Тие ќе останат распоредени во реонот со цел да го заштитат Габер и околните населени места, да ја следат огнената линија и навремено да реагираат доколку дојде до повторно активирање или ширење на пожарот.
Според најавите, уште во раните утрински часови повторно ќе бидат ангажирани авионите „Ер Трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување. Паралелно со нив ќе продолжи и интервенцијата на екипите на Противпожарната бригада на Град Скопје.
Целта на операцијата е пожарот целосно да биде локализиран и изгаснат, додека натамошниот интензитет на интервенциите од воздух и од земја ќе зависи од состојбата на теренот и условите за безбедно дејствување.
Надлежните служби остануваат во континуирана готовност поради непристапноста на теренот и опасноста од понатамошно ширење на огнот.


