Утрински Весник
Македонија

Левица: Вработените оставени без здравствено осигурување – полицајците ги чекаат МВР и ФЗОМ да се договорат кој е виновен

Levica.jpg

Соопштение за јавност на Левица:

Вработените во МВР повторно остануваат без здравствено осигурување, па полициски службеници се враќаат од лекарски прегледи, дијагностички процедури, хемотерапија, па дури и операции. Додека власта се расфрла со милиони за „безбедноста”, набавки, опрема и НАТО-стандарди, повторно заборава на најважниот дел од безбедносниот систем – луѓето кои треба да ја обезбедуваат таа безбедност.

Уште поскандалозно е што истиот проблем се случи и во јуни годинава. Тогаш, поради проблем со матичниот број на еден полициски службеник, било блокирано здравственото осигурување на сите вработени во МВР. Само два месеци подоцна, истата грешка повторно се случува. Очигледно, никој во МВР не се потрудил да извлече поука од претходниот случај и да спречи повторно да биде загрозено едно од основните права на вработените. 

Најсрамно од сè е институционалното префрлање на топката. Откако МВР порача дека проблемот не бил предизвикан од нив и ги упати вработените кон Фондот, ФЗОМ излезе со спротивно тврдење – дека здравственото осигурување не е прекинато поради проблем во Фондот, туку затоа што МВР нема платено придонеси за дел од вработените кои биле вратени на работа со судски одлуки.

Ако МВР и ФЗОМ се под иста власт, зошто се однесуваат како да се две спротивставени влади кои првпат се среќаваат? Нека седнат, нека си ги усогласат податоците, нека ги платат придонесите и нека го решат проблемот. На чело на Фондот е Перински, поставен од ДПМНЕ, исто како што Тошковски е поставен на чело на МВР, па наместо да сведочиме внатрепартиски каги и префрлања на одговорност, нека си ја завршат работата. Вработените во МВР не ги интересира кој каде згрешил и која институција ќе излезе како победник. Ги интересира да не бидат враќани од болница и да можат да го користат здравственото осигурување кое државата е должна да им го обезбеди.

Го замолуваме министерот Панче Тошковски, наместо постојано да се фали со наводните „историски најдобри резултати” во безбедноста, прво да се погрижи неговото министерство да си ги извршува основните обврски кон луѓето кои ја обезбедуваат таа безбедност. Не може да бараме од полицаецот да биде максимално професионален, одговорен и достапен кога државата има потреба од него, а потоа истиот тој полицаец да го оставаме без здравствено осигурување и да му објаснуваме дека МВР и ФЗОМ треба меѓусебно да си се договорат. 

Можете да прочитате

ДУИ со Аркин Јахији за градоначалник на Брвеница

Дебата во вилата „Билјана” во Охрид: Тешката битка со меѓуврсничкото насилство се добива со навремено препознавање и соодветно реагирање

Кога законот молчи – како различните извори на средства стануваат една пензиска сметка?