Утрински Весник
Економија

Европа ги мапира критичните минерали, Македонија има бакар во Иловица како еден од клучните потенцијали

Rudari 1.jpg

Европа продолжува да ги зајакнува своите капацитети за идентификување и управување со критичните минерални ресурси. Идејата за создавање единствен Центар за критични минерали на ЕУ доби поддршка и од европската геолошка заедница.

Од EuroGeoSurveys оценуваат дека на Европа ѝ е потребен хармонизиран систем кој ќе ги обедини информациите за наоѓалиштата, ресурсите и резервите на критични минерали, како и за истражувачките активности. Во системот, според нив, треба да бидат вклучени и земјите-кандидатки.

Во македонски услови, едно од наоѓалиштата со потврден потенцијал е Иловица, каде што бакарот се истражува со децении. Првите истражувања датираат од 1973 година, додека поопсежните теренски активности биле спроведени од „Еуромакс Ресоурцес“ од 2011 година.

Според резултатите од истражувањата, локалитетот има потенцијал за производство на повеќе од 10.000 тони бакар годишно во период од 23 години, што го издвојува Иловица како едно од позначајните македонски наоѓалишта во контекст на растечката европска побарувачка за критични суровини.

Како што се наведува во геолошките податоци од резимето на проектот, тој се наоѓа на „јужниот крај од кенозојскиот магматски лак во правец северозапад-југоисток кој покрива делови од централна Романија, Србија, Македонија, јужна Бугарија, северна Грција и западна Турција“. Во оценката се додава дека наоѓалиштето „Иловица“ е едно од неколкуте порфирски системи во источна Македонија и северна Грција и „се наоѓа во рамките на минерализиран дел од порфирски систем, околу 1,5 километри во дијаметар“.

Инаку, со Акцискиот план од новата Стратегија за минерални суровини 2026-2046 која ја изработи МАНУ, предвидени се активности и за домашниот Геолошки завод. Во текстот на Акцискиот план се наведува дека „ГЗМ треба да обезбедува јавно знаење за науката за Земјата, за поддршка на конкурентноста, социјалната благосостојба, управувањето со животната средина и меѓународните обврски, во соработка со геолошките заводи во ЕУ заеднички да ги обработува прашања во областа на геолошките науки, соработувајќи на проекти кои директно ја информираат европската, националната и локалната политика“. 

Додека кај нас се утврдат потенцијалите, европските геолози повикаа Центарот за критични минерали на ЕУ да ги поседува сите неопходни информации со цел да се направат вистински проценки за ризикот од снабдување и долгорочната отпорност на Европа.

„EuroGeoSurveys го поздравува признанието дека стратешките залихи, инвестициите, набавките и безбедноста на синџирот на снабдувањето бараат посеопфатни и навремени информации, отколку што се моментално достапни на ниво на ЕУ. Во сè поконкурентното геополитичко окружување, каде што големите економии активно обезбедуваат пристап до критични суровини низ целиот свет, зајакнувањето на капацитетите на Европа за стратешкото информирање за минералите станува сè поважно“, истакнаа од Асоцијацијата.

Според Асоцијацијата, тие ќе можат да помогнат за анализа на идниот европски потенцијал за снабдување и новите можности.

„Стратешкото донесување на одлуки, исто така, бара силно разбирање на системот за суровини, вклучувајќи го геолошкиот потенцијал на Европа, базата на ресурси, истражувачките активности и идните можности за снабдување. Затоа, ефикасното системско информирање зависи од интегрирањето на податоци за индустрискиот вредносен синџир со геолошките податоци, трендовите на истражување и стручното познаење за идниот ресурсен потенцијал на Европа“, се додава во соопштението.

Претходно, еврокомесарот за индустрија Стефан Сежурне ја повика Унијата да ги удвои своите напори во целта за намалување на својата стратешка зависност од Кина, презентирајќи низа предлог мерки за прекин на контролата на Пекинг врз снабдувањето со критичните минерали, како што се ретки земни елементи, кобалтот, бакарот, никелот и други. Како што додаде, Центарот ќе функционира како „точка“ за снабдување на ЕУ со метали и „ќе ни овозможи да ги процениме потребите, да купуваме заедно, да складираме критични минерали во Европа“.

Можете да прочитате

Македонија станува сè попривлечна за странските туристи – што стои зад растот?

„И Здравје и работа“: Рударството паѓа, инвестициите стојат – државата мора да го ослободи развојниот потенцијал на Македонија

ВМРО-ДПМНЕ: Талогот од СДС несреќен поради успесите на државата, седум квартали раст на БДП над 3% и намален државен долг