
Пентагон бара од американската одбранбена индустрија да го зголеми производството на оружје за да ги надополни залихите на муниција што се исцрпени, делумно поради конфликтот со Иран. Портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, изјави во саботата дека одделот е фокусиран на зголемување на набавките за да обезбеди „оружје што им е потребно на нашите војници со темпо што го бара заканата“.
Парнел потврди дека министерството се обидело да го забрза процесот минатата недела, но исто така нагласи дека тоа е дел од поширока модернизација што започнала дури и пред петмесечниот конфликт.
Рок од 21 ден за планови за забрзување
Во среда, заменик-министерот за одбрана Стив Фајнберг испрати меморандум до лидерите во индустријата со рок до 21 ден да поднесат планови за „значително побрзи и поагресивни распореди за испорака и/или зголемено производство на клучни капацитети“, според документ до кој дошол „ Вашингтон пост“ .
„Повеќегодишните развојни циклуси не се прифатливи“, напиша Фајнберг. „Мораме веднаш драматично да ги забрзаме нашите програмски распореди и да го прошириме производствениот капацитет.“
Анализата открива зголемен ризик за војската
Меморандумот беше испратен во време кога конфликтот со Иран дополнително ги намали веќе ниските залихи на американската војска од напредни пресретнувачи на ракети. Новата анализа покажува дека ова би можело да ги стави американските сили во поголем ризик доколку продолжат непријателствата.
Намалените залихи на пресретнувачи „Патриот“ и „ТХААД“ би можеле да ги принудат САД и нивните сојузници на Блискиот Исток да преземат поголеми ризици за да ги зачуваат системите за воздушна одбрана, според анализата на Центарот за стратешки и меѓународни студии (CSIS) со седиште во Вашингтон.
Како пример, анализата посочува дека американските сили би можеле да испукаат помалку ракети кон дојдовните ирански дронови и ракети, што ја зголемува веројатноста дека некои од нив ќе ја пробијат одбраната.



