
Италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска изјави дека Италија го отфрла ултиматумот на Шпанија за прекин на граничните проверки по воздушен и поморски пат до 9 август, јави АНСА.
Рим ја суспендираше примената на Шенгенскиот договор кон Шпанија по навлегувањето на илјадници мигранти во шпанската енклава Сеута во Северна Африка минатата недела.
– Италија не прифаќа ултиматуми или наредби од други држави кога станува збор за нејзината национална безбедност и граничната контрола. Немаме намера да ја преиспитаме одлуката за суспендирање на Шенгенскиот договор за државјани на трети земји кои пристигнуваат од Шпанија, најмалку до 15 август и сè додека безбедносните ризици и терористичките закани за Италија не бидат целосно отстранети. Како што објавија и самите шпански власти, токму на тој датум се очекува нов мигрантски бран во Сеута. Само кога ќе се увериме дека повеќе нема никакви безбедносни ризици, терористички закани за Италија или опасност од нов бран илегални мигранти кон Европа, ќе можеме да ја преиспитаме веќе донесената одлука, се наведува во соопштението од кабинетот на Мелони.
Во соопштението се нагласува дека мерката не е насочена против Шпанија како пријателска држава и потсетува дека италијанската Влада и во минатото применувала слични мерки кон Словенија.
„ Доколку се утврди дека наведените околности повеќе не постојат, Италија е подготвена да продолжи конструктивен дијалог со Владата во Мадрид. Во меѓувреме, италијанските гранични служби ќе направат сè за да го олеснат преминувањето на сите шпански и европски граѓани, кои, како што треба да се нагласи, не се погодени од повторното воведување на граничните проверки по копно и море“ – се додава во соопштението.


