Утрински Весник
Македонија

Три македонски долгометражни филмови се снимаат летово, четвртиот почнува до крајот на август

Goliot rid den 1 1.jpg

Македонската кинематографија ова лето бележи интензивен продукциски период, во
моментов се снимаат три македонски долгометражни играни филмови, а кон крајот на август
е закажана првата клапа и на четвртиот.

Станува збор за „Мравки“ во режија на Марјан Гавриловски, „Голиот рид“ во режија на Игор
Алексов и „Ајал“ во режија на Арбен Тачи, додека на 25 август започнува со снимање и „Трета
смена“ на Ана Опачиќ. Сите четири филмски проекти се поддржани од Агенцијата за филм.

Филмот „МРАВКИ“ е третото долгометражно играно остварување на режисерот Марјан
Гавриловски, по сценарио на Никола Кузелов. Продуцент е Ромир Јакупи, а директор на
фотографија Фејми Даут. Станува збор за црна комедија со елементи на трилер, која следи
необичен тандем: инспектор пред пензија и трансвестит, принудени заедно да разрешат
мистериозно убиство. Главните улоги ги толкуваат Сенко Велинов и Никола Кузелов, а во
актерската екипа се и Сашко Коцев, Атанас Атанасовски, Владо Јовановски, Тања Кочовска,
Владимир Тулиев, Мими Таневска, Драган Спасов-Дац и други. Филмот се снима на повеќе
локации во Скопје и Дебар.

„ГОЛИОТ РИД“, во режија на Игор Алексов и по сценарио на Гоце Цветановски и Алек
Русјаков, е трилер-драма со елементи на хорор и фантазија. Главната улога ја толкува
Анастасија Ласовска, а во актерската екипа се Тони Наумовски, Симеон Мони Дамевски,
Зоран Љутков, Стефан Вујисиќ, Филип Трајковиќ, Даниела Иваноска и Адем Карага. Филмот
се снима во Скопје и околината, во продукција на „City Star Production“ и копродукција со
„OnBros“ од Косово и „Red Production“ од Србија.

„АЈАЛ“, по сценарио и во режија на Арбен Тачи, е современа драмска приказна за
минливоста на животот, семејството, корените, традицијата и моралните избори.
Приказната е силно поврзана со Тетово и Шар Планина, каде што се реализира значаен дел
од снимањето. Во актерската екипа се Арсим Фазлија, Адем Карага, Илир Винца, Осман
Амети и други актери од земјава и регионот. Филмот е во продукција на „ARBFILM“ од Тетово.

Продукцискиот бран продолжува на 25 август, кога е предвидена првата клапа на
долгометражниот игран филм „Трета смена“ на Ана Опачиќ.

Реализацијата на четири долгометражни филмови во текот на едно лето е силен показател
за активноста и континуитетот на домашната кинематографија. Агенцијата за филм
продолжува да ги поддржува македонските автори, продуценти, актери и филмски
професионалци, создавајќи услови за континуиран развој на домашната филмска
продукција

Можете да прочитате

10-годишно девојче било малтретирано од татко ѝ, се пожалило на дедо си

ВЛЕН: Коридорот 8 се гради, ДУИ се распаѓа

Пукање во Скопје: Двајца на мотоциклисти пукале кон паркиран автомобил