Утрински Весник
Економија

Потпишани договорите за финансирање на третата фаза од железничкиот Коридор 8 кон Бугарија, проект којшто е реален и остварлив

C85af0b6 2bff 0eb8 428a 391c0fce4e05.jpg

Во Владата денеска беа потпишани договорите за инвестициски грант од Европската Унија преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, како и договорите за финансирање со Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), со што се обезбедува финансиската конструкција за реализација на третата фаза од железничката делница Крива Паланка – почеток на прекуграничниот тунел со Бугарија, како дел од Железничкиот коридор 8.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски оцени дека станува збор за историски значаен ден, бидејќи, како што рече, по речиси две години работа проектот станал реален и остварлив.

– Големо е задоволството кога почнуваат нови проекти. Денешното потпишување означува продолжување на визијата којашто ја постави оваа Влада, а тоа е Македонија да ја искористи својата уникатна географска позиција како раскрсница на двата паневропски коридори Коридорот 8 и Коридорот 10 и на тој начин да го потврди своето место како срце на Балканот. Изградбата на Коридорот 8 е еден од врвните приоритети на Владата. Ова е историски значаен ден, затоа што по скоро две години работа, доаѓаме до проект којшто е остварлив, реален и којшто може да биде изграден и реализиран – истакна Николоски.

Нагласи дека Владата успеала да постигне договор со Бугарија за изградба на прекуграничниот железнички тунел, што, според него, е предуслов Коридорот 8 да ја добие својата целосна функција.

Успеавме да постигнеме договор со Бугарија за изградба на прекуграничниот железнички тунел којшто треба да ги спои двете држави, бидејќи само на тој начин овој проект добива смисла – рече Николоски.

Тој посочи дека двете држави ќе испратат заедничко писмо до Европската Унија, ЕБОР и ЕИБ за обезбедување грант-средства за изградба на прекуграничниот тунел, истакнувајќи дека Европската Унија преку Инвестициската рамка за Западен Балкан обезбедила грант од 149 милиони евра за третата делница, додека ЕИБ и ЕБОР ќе обезбедат кредити од по 175 милиони евра.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска изјави дека со потпишаните амандмани на договорите за финансирање и на договорот за грант се обезбедува целосната финансиска конструкција за реализација на проектот.

– Со ова се обезбедува финансиска конструкција што ќе овозможи целосна реализација на проектот. Овој проект не само што ќе обезбеди подобра поврзаност меѓу Јадранското и Црното Море, туку ќе придонесе и за поголема економска интеграција, полесно движење на луѓето и стоките, како и за нови можности за развој на македонската економија и на целиот регион – рече Димитриеска-Кочоска.

Таа нагласи дека Владата останува посветена на реализацијата на стратешките инфраструктурни проекти, при што посочи дека со ребалансот на Буџетот за 2026 година се обезбедени дополнителни 5,8 милијарди денари за капитални расходи.

Директорот на ЈП „ЖРСМ Инфраструктура“, Синиша Ивановски, оцени дека станува збор за најсложениот инфраструктурен проект во државата. Тој информираше дека на делницата долга 22 километри ќе бидат изградени 21 тунел со вкупна должина од 7,8 километри и 52 мостови и вијадукти со должина од околу пет километри, што значи дека повеќе од 60 проценти од трасата ќе минува низ тунели и преку мостови. 

Предвидени се и две нови железнички станици – во Крива Паланка и во Жидилово, појасни  Ивановски, додека пругата ќе биде целосно електрифицирана и опремена со современи сигнално-сигурносни и телекомуникациски системи.

– Јас лично верувам дека во соодветниот зададен рок, оваа делница 3 од Крива Паланка до прекуграничниот тунел ќе биде завршена и сите ние ќе бидеме сведоци дека како држава можеме да изведуваме сериозни и технолошки специфични капитални проекти – рече Ивановски.

Раководителот на Европската инвестициска банка, Бјорн Габриел истакна дека денешното потпишување, иако претставува административен чекор, е важна пресвртница што ќе овозможи во наредните недели да биде објавен тендерот за градежните работи на третата делница. Тој додаде дека Европската инвестициска банка, заедно со Европската комисија, Делегацијата на Европската Унија и ЕБОР, ќе продолжи да ја поддржува реализацијата на Железничкиот коридор 8, како на источната делница кон Бугарија, така и на западниот крак кон Албанија. 

Овие измени станаа неопходни по поместувањето на договорите за заем и за грант, што наложи прилагодување на структурата за спроведување на проектот и на планот за неговото финансирање. Иако денешното потпишување е административен чекор, сепак, станува збор за значајна пресвртница. Со него се отвора патот за објавување на тендерот за градежните работи во наредните недели и се потврдува обновената посветеност на Владата кон унапредувањето на Железничкиот коридор 8 и неговите стратешки делници – рече Габриел.

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во своето обраќање ја потенцираше важноста на оптимизацијата на проектот во изминатите две години, со што, како што рече, се избегнала изградба на нефункционална пруга која би завршила „во слепа улица“.

– Овие две години го искристализираа, го оптимизираа и го направија појасен овој проект. Во која смисла? Онака како што беше пред две години, овој проект подразбираше дека треба да завршиме на половина тунел, без да имаме јасна определба од страна на нашиот источен сосед дека ќе има модернизација на секцијата којашто ја поврзува нивната граница со нас и Софија, вклучително и другата половина на тунелот … Требаше време за да се постигне напредок во разговорите со нашиот источен сосед, тој напредок се постигна, се потпишаа договори, имаме обврска, односно заложба од двете страни и имаме тунел којшто е практично трет дел од проектот. Бидејќи, ако третата секција завршува до почетокот на тунелот, од завршувањето на тунелот до поврзувањето со националната железница во Софија имаме заложба од страна на нашиот источен сосед за јасна модернизација на тој дел од Коридорот 8 … Тоа не беше така во јуни 2024 година. Требаше да потрошиме повеќе од половина милијарда евра, а можеби и повеќе, а да завршиме на половина тунел во средина на ништо – посочи Мицкоски.

Најави и продолжување на активностите за западниот крак од Коридорот 8, нагласувајќи дека притоа строго ќе се внимава на еколошките препораки за охридскиот регион, за да не се доведеме, како што рече, некои идни влади повторно да го имаат проблемот со кој се соочи актуелната Влада.

– Како Влада продолжуваме да го заокружуваме процесот на Коридорот 8. Во делот од реформската агенда можам да кажам дека делот од Скопје до Гостивар, преку Јегуновце и Тетово, ќе биде опфатен во делот на финансирањето – тука мислам на модернизација и на електрификација. Претставникот од Европската инвестициска банка спомна и за делот од Коридорот 8 којшто треба да ги поврзе Гостивар – Кичево – Струга – границата со Албанија, но тука мораме да бидеме внимателни со препораките коишто ги даде УНЕСКО. Затоа ние обезбедивме три плус две години за да не се доведеме во ситуација некои идни влади повторно да го имаат тој проблем како што ние го имавме како наследство од претходните влади. Така што, кога повлекуваме линии на хартија, треба многу внимателно да внимаваме како тие линии во пракса ќе имаат влијание врз еко-средината, но и врз животите на граѓаните – рече Мицкоски. 

Можете да прочитате

Ристески: Се контролираат цените на производите и инфлацијата, засега нема нови економски мерки

Две нови комори станаа членки на ССКМ

Мицкоски за третата фаза од железничката делница Крива Паланка – Деве Баир: Проектот нема да заврши на половина тунел во слепа улица, сега имаме целина