Утрински Весник
Македонија

Андовски се сретна со претставници на ХЕМА-ОНКО

Hema onko foto e1786012321402.jpg

Заменик-министерот за здравство,  Јовица Андовски, одржа работна средба со претставници на Здружението ХЕМА-ОНКО – здружение посветено на пациентите со рак и нивните негуватели, како и со претставнички на групата Пеперутки, на која се разговараше за актуелните потреби на пациентите и за унапредување на здравствената заштита.

Во фокусот на средбата беше новиот Закон за лекови, при што претставниците на здружението ги изложија своите препораки и предлози. Заменик-министерот истакна дека пациентските организации треба да бидат активно вклучени во креирањето на политиките и законските решенија што непосредно ги засегаат пациентите.

Соговорниците дискутираа и за можностите за продлабочување на соработката со Канцеларијата на Светската здравствена организација, со цел примена на меѓународните искуства и добри практики, подобрување на планирањето и градење поефикасен и поодржлив здравствен систем.

На средбата беше разгледана и состојбата со онколошката терапија, како и мерките што се преземаат за надминување на долгогодишните предизвици со кои се соочуваат пациентите. Беше посочено дека е обезбедено рекордно зголемување на буџетот за онкологија и дека се работи на подобрување на достапноста и континуитетот на терапијата.

За лековите кај кои беа регистрирани доцнења веќе се преземени конкретни мерки. Дел од испораките се реализирани, за дел се склучени нови договори, а за останатите се обезбедуваат привремени решенија до целосно нормализирање на состојбата.

Дополнително, се разговараше за навремената дијагностика, подобрата информираност на пациентите, поедноставувањето на административните постапки и за другите предизвици во остварувањето на правата од здравствена заштита.

Заменик-министерот нагласи дека Министерството за здравство останува отворено за редовна, суштинска и транспарентна соработка со ХЕМА-ОНКО, групата Пеперутки и со сите пациентски организации.

„Пациентите и нивните претставници се наши партнери во создавањето подобар здравствен систем. Преку отворен дијалог и заедничка работа ќе продолжиме да создаваме системски, одржливи решенија, во кои пациентот ќе биде во центарот на секоја одлука”, истакна заменик-министерот Андовски.

Можете да прочитате

Околу 4900 помалку запишани првачиња од лани, едносменска настава воведена во над 200 училишта 

Германец бил затекнат како со дрон ја снимал караулата во селото Радожда

Завршени вонредните инспекциски надзори за лекувањето на пациентката С.М. од Струмица