Утрински Весник
Македонија

Протест поради недостиг на лекови на Онкологија: Бараат итно решение за прекините во терапијата

Onkologija.webp.webp

Онколошки пациенти денес ќе одржат симболичен протест пред Министерството за здравство, револтирани од повторливиот недостиг на лекови на Клиниката за онкологија. Поради екстремно високите температури, се очекува протестот да биде со ограничено присуство, а неколку пациентки ќе ги пренесат барањата до надлежните институции.

Главното барање е итно да се обезбеди непречено и континуирано снабдување со терапија, бидејќи, како што велат пациентите, честите прекини создаваат неизвесност и дополнителен стрес кај лицата кои се борат со тешката болест.

Ана Марјановиќ од здружението „Хема-Онко“, која и самата е онколошки пациент, посочува дека од мај годинава, по стапувањето во сила на новиот буџет, веќе трипати се појавил недостиг на одредени лекови на Клиниката за онкологија.

„Овојпат не недостига само биолошка терапија, туку и цитостатици и лекови од позитивната листа. Овие прекини се повторуваат речиси секој месец или на секои два месеца и претставуваат сериозен проблем за пациентите“, изјави Марјановиќ за ТВ24.

Во изминатите денови повеќе пациенти преку социјалните мрежи сведочеа дека биле вратени без да ја примат закажаната терапија. Други, особено оние кои доаѓаат од внатрешноста на државата, велат дека секојдневно телефонски проверуваат дали воопшто има достапни лекови пред да тргнат кон Скопје.

Недостигот на онколошка терапија е проблем на кој пациентските организации со години предупредуваат. Покрај нередовното снабдување со лекови, тие укажуваат и на пренатрупаноста на Клиниката за онкологија, недоволните услови за лекување, како и на доцнењата во програмите за рано откривање на малигните заболувања.

Со денешниот протест пациентите апелираат до институциите да обезбедат стабилни набавки, подобра организација и транспарентно управување со средствата наменети за лекови, со цел да се спречат идни прекини во терапијата што директно влијаат врз здравјето и животот на пациентите.

Можете да прочитате

Муцунски за „Политико”: Заслужуваме праведен, предвидлив и кредибилен пат кон членство во ЕУ

ВМРО-ДПМНЕ: СДС е во целосна конфузија, сто теми во едно соопштение, а ниту еден аргумент

Уапсен маж од Боговиње, пукал на семејна веселба, оштетил кров на куќа