Утрински Весник
Свет

Русија и Украина разменија нови напади со дронови, најмалку по петмина загинати на двете страни

Rusija ukraina.webp.webp

Најмалку пет лица загинаа во украински напади со дронови во Московската област, додека најмалку пет цивили ги загубија животите во руски воздушни напади врз Украина – соопштија денеска властите на двете земји

Од почетокот на руската инвазија пред повеќе од четири години, Украина разви беспилотни летала со долг дострел, способни да погодуваат цели длабоко на руска територија. Во изминатата година тие извршија напади врз рафинерии, големи складишта и друга клучна инфраструктура.

Според податоците на Обединетите нации, континуираните руски воздушни напади врз Украина досега одзедоа повеќе од 16.000 цивилни животи, а бројот на жртвите постојано се зголемува.

Во меѓувреме, ескалацијата на нападите врз бродскиот сообраќај во Црното Море повторно ги засили стравувањата од можни последици врз глобалната прехранбена безбедност.

Бројот на загинатите во вчерашниот напад со дрон врз руското црноморско одморалиште Архипо-Осиповка се искачи на седум лица, меѓу кои четири деца, соопштија регионалните власти.

Властите во Краснодарскиот Крај денеска информираа дека бројот на повредени достигнал 58 лица, од кои 21 се хоспитализирани.

На снимки објавени на интернет се гледа како дрон паѓа на преполна плажа, додека во позадина се слушаат звуци што наликуваат на интензивно пукање.

Гувернерот на Московската област, Андреј Воробјов, соопшти дека во украински напад со дронови утрово загинале пет лица, а уште десет се повредени.

Најголема штета е предизвикана во општината Чехов, каде што избувнале повеќе пожари во индустриската зона „Новосјолки“.

По уште еден напад врз објект на најголемиот руски онлајн трговец „Вајлдберис“, компанијата денеска соопшти дека нејзиниот магацин во Ленинградската област е зафатен од пожар.

Во Тверската област, меѓу Москва и Санкт Петербург, остатоци од дрон делумно оштетиле ѕид од магацин на „Вајлдберис“ во селото Емаус, соопшти гувернерот Виталиј Корољов.

Командантот на украинските сили за беспилотни летала, Роберт Бровди, изјави дека во изминатите 18 дена украински дронови нападнале 15 магацини на „Вајлдберис“, при што во 13 избувнал пожар. Украинските власти тврдат дека компанијата испорачува стоки што можат да ги користат руските вооружени сили, а Киев настојува со напади со голем јавен одек да ја дестабилизира руската јавност, наведува Асошиејтед прес.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека неговата противвоздушна одбрана во текот на ноќта соборила вкупно 320 украински дронови.

Во посебно соопштение, Министерството наведе дека руските сили продолжиле со нападите врз украинските пристаништа, бродови и пристанишна инфраструктура што, според Москва, ги користи украинската армија.

Според руската страна, погодени биле фабрика за автомобилски компоненти и пристанишен терминал во Чорноморск, во Одеската област, каде што украинските сили, како што тврди Москва, ремонтирале воени возила и складирале муниција и гориво.

Министерството соопшти и дека во пристаништето Миколаив бил оштетен брод со воен товар, додека друг брод што истоварувал воена опрема бил погоден во пристаништето Јужне.

Дополнително, Москва тврди дека два брода за превоз на расут товар, кои превезувале оружје и воена опрема кон украинските пристаништа, биле оштетени во Црното Море јужно од Одеса.

Турција денеска повторно ги повика Русија и Украина да ја гарантираат безбедноста на пловидбата во Црното Море, откако два турски брода биле нападнати со дронови по испловувањето од руското пристаниште Новоросијск.

Во соопштението на турското Министерство за надворешни работи се наведува дека Анкара е загрижена поради проширувањето на војната кон Црното Море, што го загрозува цивилниот поморски сообраќај, предупредувајќи дека ваквите инциденти може да имаат пошироки последици, вклучително и врз глобалното снабдување со храна, бидејќи преку овие води се транспортираат значителни количини жито, ѓубрива и други клучни производи.

Според украинските власти, во руските напади врз Миколаив, вклучително и пристаништето, загинала 89-годишна жена, а повредени се уште седум лица на возраст од две до 83 години.

Во Одеската област, руски напад врз цивилна инфраструктура уништил приватна куќа и повредил две лица, изјави началникот на регионалната воена администрација, Олег Кипер.

Во Сумската област, шест руски наведувани бомби усмртиле три лица, меѓу кои две девојчиња на возраст од пет и десет години и една постарата жена, соопшти началникот на регионалната воена администрација, Олег Григоров.

Во последните 24 часа руските сили извршиле напади и врз Харков и уште 18 градови и села во регионот, при што загинало едно лице, а седум се повредени, меѓу нив и осумгодишно дете, соопшти гувернерот Олег Синегубов.

Утрово две наведувани бомби паднале во центарот на Краматорск во Доњецката област, при што се повредени четири лица, изјави началникот на регионалната администрација, Вадим Филашкин.

Краматорск се наоѓа на северниот дел од украинскиот „појас на тврдини“, каде што, според западните анализи, руската армија ги засилила обидите за пробивање на одбранбената линија по четири години исцрпувачки борби.

Филашкин ги повика жителите што сè уште се наоѓаат во близина на линијата на фронтот да се евакуираат, нагласувајќи дека евакуацијата е бесплатна и дека властите обезбедуваат превоз, сместување и друга неопходна помош.

Можете да прочитате

Во Газа се одржа масовен погреб на жртви од израелски напад извршен во 2023 година

Трамп им порача на нафтените компании „веднаш“ да ги намалат цените на горивата

Мароко тврди дека ја предупредиле Шпанија за ризиците од судската одлука за мигрантите, Мадрид демантира