
Пожарот во Кавадаречко повторно се реактивирал и се проширил на тешко пристапен терен, поради што во неговото гаснење се ангажирани два „ер трактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), соопшти директорот на институцијата, Стојанче Ангелов.
Според Ангелов, доцна синоќа, на дваесетина километри од Кавадарци, биле подметнати пожари на пет различни локации, а за случајот веќе има осомничено лице.
„Лицето беше забележано од вработени во Национални шуми. Побегнало од возилото, но подоцна е пронајдено и во моментов кавадаречката полиција разговара со него. Се надевам дека ќе бидат обезбедени доволно докази за осомничениот да биде изведен пред лицето на правдата“, изјави Ангелов.
На терен е и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, кој информираше дека сите расположливи сили се мобилизирани во обид пожарот да биде ставен под контрола.
„Во гаснењето се вклучени пожарникарите, екипи на Дирекцијата за заштита и спасување со воздушна поддршка од два авиона, припадници на Министерството за внатрешни работи, Граничната полиција, како и екипи од Шумското стопанство – Кавадарци“, изјави Јанчев.
Од Дирекцијата за заштита и спасување информираат дека во текот на вчерашниот ден биле регистрирани околу триесет пожари на отворен простор низ државата. Поспецифични биле два истовремени пожари во Гостивар, кои во меѓувреме се целосно изгаснати.
Надлежните продолжуваат со напорите за локализирање на пожарот во Кавадаречко, додека истрагата за сомнежите за намерно подметнување е во тек.



