Утрински Весник
Свет

Невработеноста во Германија во јули порасна на 6,4 проценти, без работа повеќе од три милиони луѓе

20260731121537 big 730x400 75.webp.webp

Бројот на невработени во Германија значително се зголеми во јули и повторно ја надмина границата од три милиони лица – соопшти денеска Федералната агенција за вработување со седиште во Нирнберг.

Според официјалните податоци, во јули се регистрирани 3,007 милиони невработени, што е за 71.000 повеќе во однос на јуни и за 28.000 повеќе во споредба со истиот месец лани, пренесува „Ханделсблат“.

Стапката на невработеност се зголеми за 0,2 процентни поени и сега изнесува 6,4 проценти.

Членот на Управниот одбор на Федералната агенција за вработување, Даниел Терценбах, изјави дека растот на невработеноста во јули главно е последица на сезонски фактори, но и дека слабите движења на пазарот на трудот продолжуваат веќе неколку месеци.

Во Германија бројот на невработени традиционално расте во јули поради почетокот на летниот период. Голем број млади, по завршувањето на школувањето или стручната обука, привремено остануваат без работа, на дел од вработените им истекуваат договорите на крајот од кварталот, а работодавачите често го одложуваат новото вработување до завршувањето на годишните одмори.

Границата од три милиони невработени последен пат беше надмината во април, кога во Германија беа регистрирани околу 3,008 милиони лица без работа.

Можете да прочитате

Бројот на загинати во мигрантската криза во Сеута се искачи на 27, Санчез пристигна во енклавата

Четири лица загинаа во лавината во северен Пакистан, по шест сè уште се трага

Најмалку 34 рудари загинаа во експлозија во јагленокоп во Пакистан