Утрински Весник
Македонија

АХВ предупредува: Не оставајте месо, млеко и јајца во автомобил за време на горештините

Screenshot 2026 07 31 095855.jpg

Најавените температури кои во наредните денови ќе достигнуваат и до 40 Целзиусови степени го зголемуваат ризикот од расипување на храната и труење, предупредува Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), која апелира граѓаните особено внимателно да ракуваат со лесно расипливите производи.

Од АХВ посочуваат дека екстремно високите температури претставуваат ризик и за луѓето и за животните. Поради тоа, во периодот на горештини неопходно е животните постојано да имаат пристап до доволно свежа вода и безбедна храна.

Граѓаните се советуваат храната да ја купуваат исклучиво од проверени продажни места, каде што производите, особено оние од животинско потекло, се чуваат на соодветна температура и во пропишани услови.

При пазарувањето треба да се избегнуваат производи со оштетена или надуена амбалажа, додека разладената и замрзнатата храна се препорачува да се купува последна, за што пократко време да остане надвор од потребниот температурен режим.

Посебна претпазливост е потребна со месото, млекото, јајцата и другите лесно расипливи производи. Тие не треба да се оставаат во автомобил или подолго време да бидат изложени на високи температури. Разладената храна треба да се чува на температура под пет степени Целзиусови, додека храната која бара термичка обработка треба да биде целосно зготвена.

АХВ препорачува овошјето и зеленчукот темелно да се мијат под млаз вода, а суровото месо, млекото и јајцата соодветно да се обработат пред консумирање.

Подготвената храна треба брзо да се излади и да се стави во фрижидер. За да се спречи меѓусебна контаминација, зготвената храна треба да се чува на горните полици, а суровите производи на долните.

Внимание се препорачува и при јадење во ресторани и други угостителски објекти. Граѓаните треба да избираат места каде се почитуваат хигиенските стандарди, а во објектите за брза храна да избегнуваат мајонез, крем-салати, сосови и преливи доколку не се чуваат во разладни уреди.

„Доколку се сомневате дека храната не е безбедна, не ризикувајте – фрлете ја“, порачуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Можете да прочитате

Западнонилската треска се шири: 13 потврдени случаи, 10 пациенти се во болница

Муцунски: Националните позиции се пред сè, реформите продолжуваат, а крајната цел останува полноправното членство во ЕУ

СДСМ: Пет факти што ги потврдува Евростат за Мицкоски