Утрински Весник
Македонија

Филипче до Мицкоски: Кој премиер е виновен што Македонија тоне во загадување, сиромаштија и корупција?

Venko filipe sdsm sobranie.jpeg

Соопштение за јавност на СДСМ:

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната седница за пратенички прашања упати остри критики до премиерот Христијан Мицкоски, оценувајќи дека неспособноста, корупцијата и лагите се на директна штета на граѓаните за што директно го обвини Мицкоски.

„Сè повеќе на виделина излегуваат неспособноста, коруптивните практики и лагите со кои владеете. Не помага ниту „силниот” ПР, луѓето едноставно повеќе не веруваат, маските се паднати и веќе ова вие не можете да го сокриете”, истакна Филипче.

Тој посочи дека Владата нема одговор за серијата случаи со загадена вода низ државата и дека граѓаните остануваат без информации за ризиците по нивното здравје, додека никој не презима одговорност за труењето на граѓаните.

„Водата е загадена во пола држава: Во Гостивар, во Валандово, во Скопје, во повеќе општини, а немате одговор на многу прашања. Чија е одговорноста, кој правел контрола, зошто не се јавувале и пријавувале соодветно резултатите?”, праша Филипче.

Претседателот Филипче побара Владата веднаш да ги објави резултатите од анализите за водата во Гостивар и да стави крај на контрадикторните информации што ги пласираат институциите.

„Зошто не ги објавувате резултатите од водата во Гостивар? Зошто имате контрадикторни изјави, вие едно, министерот за здравство друго, дека наводно ќе била добра за пиење, а потоа ќе била само технички исправна водата? Луѓето се збунети, не знаат што да прават и не знаат кому да веруваат”, рече Филипче.

Во однос на случајот со Лепенец и водоснабдувањето на Скопје, тој предупреди дека јавноста и понатаму не добива одговори иако станува збор за место каде во блоизина има бунари кои дополнуваат изворот на вода од која пие цело Скопје.

„Загадена вода на местото каде што има бунари кои го дополнуваат изворот, од кој пие вода цело Скопје, и нема никаква информација”, нагласи Филипче.

Осврнувајќи се на животниот стандард, претседателот на СДСМ истакна дека реалноста целосно ги демантира владините тврдења.

„Паѓаат во вода приказните за „стандардот”. Секој ден ви е полна устата. Четврти сме биле во Европа, трети, сега сме први, ама луѓето знаат како живеат. Тие живеат на работ на егзистенцијата. И сега „Евростат” го потврди тоа: последни сме во Европа по стандардот и по примањата, најниски, на дното”, рече Филипче.

Тој додаде дека додека цените растат, платите остануваат замрзнати.

„Нема најави за зголемување на стандардот, нема најави за зголемување на платите. Сè порасна, сите цени се зголемија, освен платите. Тие стагнираат… Луѓето се на работ на егзистенцијата”, рече Филипче.

Во делот за корупцијата, Филипче потсети на последните оценки од Европскиот парламент за состојбата во државата.

„Последниот извештај на Европскиот парламент, еден од најлошите досега во оваа смисла, покажува лошо справување со корупцијата, директно влијание на власта врз независното судство. И вие немате никаква реакција на тоа. Напротив, продолжувате со партизација на судовите”, потенцираше претседателот на СДСМ.

Филипче ја критикуваше и намерата на Владата да донесе закон со кој, како што рече, ќе се заобиколат системските правила за јавни набавки.

„Вчера предлагате закон со кој сакате да потрошите 20 милиони евра, заобиколувајќи ги сите системски закони во државава за јавни набавки. Па добро, што е целта? Каква е таа европска практика? Никаква. Ваша, на оваа власт, која се занимава само со коруптивни тендери од почетокот на владеењето”, нагласи Филипче.

Во однос на европската интеграција, тој оцени дека Владата самата ги демантирала наративите што ги пласирала со години.

„Самите се демантирате… За пред некој ден да признаете, и вие и министерот за надворешни работи, дека сето тоа што сте го зборувале не било вистина. Па зар сега не се потврдуваат нашите тези и тоа што ние го зборуваме? Дека намерно не сакате во Европа? Дека намерно го блокиравте европскиот пат?”, рече Филипче.

На крајот, претседателот на СДСМ му постави директно прашање на премиерот за политичката одговорност.

„Моето прашање е следно: кој премиер е крив за овие работи? Јас знам, вие ќе кажете, Венко е крив, СДСМ е крива за сè ова, меѓутоа граѓаните знаат дека вие ја сносите одговорноста за сите овие работи. Но сакам тоа да го слушнам од вас. Кој премиер е крив за сите овие работи во државата?”, порача Филипче.

Можете да прочитате

Маж со огнено оружје пукал кон основнo училиште во Виница

Украинка со автомобил удрила пешак во Битола

Акциска контрола во угостителски објекти во гостиварско, затекнати 14 странски државјанки