
Соопштение за јавност на ЛДП:
Награда за неодговорност, плата од народот, функција во Брисел — ова е вистинското лице на власта без осет!
Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро ја осудува срамната и скандалозна одлука на Владата за именување на поранешниот вицепремиер за добро владеење, Арбен Фетаи, за нов специјален пратеник во Европската Унија. Ова назначување претставува директен шамар, отворено потценување и вистинско плукање во лице на сите чесни граѓани кои секојдневно се борат за преживување.
Владата уште еднаш докажа дека нема ниту осет, ниту срам кога станува збор за трошење на народните пари и поделба на лукративни или измислени фотелји.
Граѓаните уште помнат како истиот овој “функционер” со месеци не се појавуваше на работните состаноци и ги бојкотираше владините седници, додека од џебот на најсиромашниот народ во Европа редовно му легнуваше функционерска плата.
Наместо да сноси одговорност за своето неработење, Фетаи безрбедно се потсмеваше со јавноста објавувајќи фотографии од Бангкок, за денес, од истите тие граѓани кои ги игнорираше, да биде награден со функција и привилегии во Брисел.
Премиерот не само што се посрамоти туку и капитулираше. Дополнителен срам и потврда за партиската самоволие е фактот што Фетаи за назначувањето на оваа висока државна позиција се пофали преку социјалните мрежи и му се заблагодари на премиерот во објава напишана исклучиво на вториот официјален јазик.
Каков сигнал испраќа оваа Влада до Брисел кога за специјален претставник именува човек чија единствена докажана „квалификација” е неработењето и избегнувањето на обврските?
Ова е скандалозна порака дека во Македонија неодговорноста се наградува, а државните позиции се користат како приватен банкомат за задоволување на апетитите на власта. Истата таа неодговорност што носи трагедии, пожари, труења, епидемии и човечки жртви.
ЛДП бара итна ревизија на оваа одлука и стопирање на практиката со која дипломатијата се претвора во засолниште за партиски кадри без резултати. Граѓаните заслужуваат функционери кои ќе работат во нивен интерес, а не политичари кои си поигруваат со нивното достоинство.


