Утрински Весник
Свет

Бројот на жртви од земјотресот во Јапонија се зголеми на 18

20260729150112 big 730x400 65.webp.webp

Најмалку 18 лица загинаа во земјотресот со јачина од 7,1 степени според Рихтеровата скала, што вчера ја погоди Јапонија.

Се очекува бројот на жртви од потресот, што ја погоди префектурата Кумамото, во јужниот остров Кјушу, да се зголеми бидејќи многу луѓе сè уште се водат како исчезнати.

Земјотресот достигна Шиндо 7, највисокото ниво на јапонската скала за сеизмички интензитет, соопштија локалните власти.

„Изразувам најдлабоко сочувство до семејствата на оние што ги загубија животите“, рече јапонската премиерка Санае Такаичи, додавајќи дека владата ќе ги распореди сите расположиви ресурси за да спаси што е можно повеќе луѓе, објави „Џапан Тајмс“.

Такаичи рече дека владата се подготвува да достави храна и други залихи во тешко погодените области.

Локалните власти објавија дека најмалку 62 лица се повредени во земјотресот, од кои шест сериозно, објавија американскте медиуми.

Тие изјавија дека речиси 34.900 домови сè уште се без електрична енергија, а околу 15.000 домови се без вода. Повеќе од 8.800 луѓе ги напуштија своите домови и отидоа во повеќе од 400 засолништа.

Најмалку четири лица загинаа во трговски центар во градот Кашима откако експлозија ја уништи зградата и предизвика нејзино уривање.

Властите ја истражуваат можноста причината да била експлозија на гас, бидејќи спасувачите пријавиле мирис на гас во објектот, пишува „Џапан Тајмс“.

Стотици спасувачи, вклучувајќи членови на Јапонските сили за самоодбрана, пожарникари и полицајци, ја пребаруваат областа во потрага по преживеани.

Можете да прочитате

Германија ја зафаќа топлотен бран со температури до 39 степени

Трамп жестоко му се закани на Иран по нападот врз американските сили

Застрелан директор на руска компанија за производство на дронови во Тула