Утрински Весник
Македонија

Претстава „Уна“ на Звездара театар гостува во Македонскиот народен театар

20260728090608 big 730x400 45.webp.webp

Македонскиот народен театар на 9 септември ќе биде домаќин на наградуваната претстава „Уна“ на Звездара театар од Белград, во режија на еден од најзначајните македонски режисери Дејан Пројковски, со маестралниот Никола Ристановски во главната улога.

Создадена според драмскиот текст на Стеван Копривица, инспириран од култниот роман на Момо Капор, „Уна“ е современа и длабоко емотивна приказна за љубовта, сеќавањата, минливоста и изборите коишто го обликуваат човековиот живот.

Претставата говори за границите на слободата, личната одговорност и моќта на чувствата. Таа во себе носи силна сценска енергија и исклучителна актерска игра.

Во улогата на професорот Мишел Бабиќ настапува Никола Ристановски, најголемото македонско актерско име, чија интерпретација наиде на исклучителен прием кај публиката и критиката, која му донесе бројни признанија на реномирани регионални фестивали. Покрај него играат Магдалена Мијатовиќ, Сена Ѓоровиќ и Марко Гверо.

Режисерот Дејан Пројковски со години бележи значајни успеси на домашната и меѓународната театарска сцена. Со „Уна“, тој создава интимна, поетична и визуелно впечатлива театарска приказна, во која ја нагласува вредноста на автентичните човечки односи во современиот свет. Уметничката вредност на претставата е потврдена и преку бројни фестивалски признанија.

Никола Ристановски е добитник на наградите „Зоранов брк“ и наградата за најдобро актерско остварување на фестивалот „Денови на Зоран Радмиловиќ“ во Заечар, како и наградите за најдобар актер на Актерските свечености „Миливоје Живановиќ“ во Пожаревац и на фестивалот „Театар фест Петар Кочиќ“ во Бања Лука. Претставата, пак, ја освои наградата од публиката на фестивалот „Денови на Зоран Радмиловиќ“, како и наградите за најдобра претстава и наградата од публиката на Фестивалот „Театар во еден чин“ во Младеновац.

Гостувањето на Звездара театар во Македонскиот народен театар носи врвно регионално театарско остварување, во кое се обединети исклучителната актерска игра на Никола Ристановски и препознатливата режисерска естетика на Дејан Пројковски – двајца македонски уметници кои со својата работа изградија импресивни меѓународни кариери.

Билетите се достапни преку веб-страницата www.mnt.mk.

Можете да прочитате

ВРЕДИ: Ахмети оди против Охридскиот рамковен договор

Водата во Гостивар ќе може повторно да се користи за пиење кога ќе има три последователни негативни тестови од испитаните примероци

Водата во Крушево е исправна за пиење, Агенцијата за храна и ветеринарство ја повлече забраната