Утрински Весник
Македонија

Барал пари од мајка си, па ја удирал и кубел – а друг и ја приклештил раката со врата и почнал да вози

Screenshot 2026 07 27 154658.jpg

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапки против две лица осомничени за семејно насилство врз сопствените мајки. Во двата случаи станува збор за кривично дело „Телесна повреда“ согласно член 130 став 2 од Кривичниот законик, односно повреда нанесена при вршење семејно насилство.

Првиот случај се однесува на 34-годишен маж, кој на 25 јули во вечерните часови побарал пари од својата мајка. Откако таа му кажала дека нема од каде да му даде пари, според Обвинителството, тој станал агресивен и почнал да ја обвинува дека не успеала да му обезбеди достоен живот.

Насилството потоа ескалирало. Осомничениот започнал да ја удира својата мајка со тупаници по главата и телото, ја тресел и ја кубел за косата.

Според ОЈО Скопје, тој потоа ѝ се заканил дека доколку не му обезбеди одредена сума пари, ќе ја тепа секој ден и нема да престане.

Поради сериозноста на случајот, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за 34-годишниот осомничен.

При донесувањето на ваквиот предлог било земено предвид и тоа што осомничениот претходно бил осудуван за слично кривично дело. Дополнително, според Обвинителството, заканите упатени кон неговата мајка го зголемуваат ризикот тој повторно да го изврши делото.

Во вториот случај, за истото кривично дело е осомничен 24-годишен жител на Петровец, кој исто така на 25 јули, но во попладневните часови, физички ја нападнал својата мајка во семејниот дом.

Според наводите на Обвинителството, тој најпрво ја удрил жената со тупаница во лицето, а потоа ја повлекол за левата рака.

Осомничениот потоа влегол на возачкото седиште во автомобил и силно ја затворил вратата, при што раката на неговата мајка останала приклештена.

И покрај тоа, според ОЈО, 24-годишникот започнал да го вози автомобилот. Жената не можела да ја извлече раката и била принудена да трча покрај возилото, сè додека по извесно време осомничениот не ја отфрлил.

За овој случај јавниот обвинител оцени дека треба да бидат определени мерки на претпазливост и до Основниот кривичен суд Скопје доставил соодветен предлог.

Меѓу предложените мерки се забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска осомничениот повремено да се јавува во Судот, како и забрана за приближување, воспоставување или одржување контакти и врски со неговата мајка.

Можете да прочитате

21-годишник паднал од отворен прозорец на „Aуди“, тешко е повреден

Полициска акција: Пет килограми марихуана кај татко и син, амфетамин, ЛСД и стотици таблети во подрум

Западнонилската треска се шири во Македонија – Осум случаи, сите заболени развиле тешка форма