Утрински Весник
Македонија

Левица: Сомнежи за еколошки криминал во Долни Балван – фекалии се испуштаат во Брегалница?

Levica.webp.webp

Соопштение за јавност на Левица:

До Левица беа доставени фотографии и пријава од загрижени жители на с. Долни Балван, Општина Карбинци, кои алармираат дека од сточарска фарма со години се испуштаат течен животински измет и фекалии во канал што директно се влева во реката Брегалница. Граѓаните веќе поднеле официјално барање до Државниот инспекторат за животна средина, со кое бараат итен вонреден инспекциски надзор, земање мостри од водата и поведување соодветна постапка против одговорните.

Според доказите што ги доставиле, шталата е изградена непосредно до каналот, а на фотографиите се гледа и лице кое физички го турка изметот кон водотекот. Во пријавата се наведува дека не станува збор за изолиран случај, туку за долгогодишна пракса на директно загадување на Брегалница. 

Дополнително, жителите изразуваат сомнеж дека сопственикот на фармата има блиски односи со овластен инспектор од Општина Штип, поради што бараат случајот да не остане во надлежност на локалните структури, туку постапката да ја води Државниот инспекторат за животна средина.

Само неколку дена по трагедијата во Гостивар, каде што илјадници граѓани со недели беа изложени на вода загадена со фекалии поради институционални пропусти, државата повторно добива предупредување за можен сериозен еколошки инцидент. Водите на Брегалница се користат за наводнување на земјоделските површини во целиот регион, а жителите предупредуваат дека во непосредна близина се наоѓаат и штипските бунари за водоснабдување. Токму затоа, институциите денес имаат можност да спречат нова катастрофа, наместо повторно да реагираат откако штетата веќе ќе биде направена.

Левица бара Државниот инспекторат за животна средина итно да испрати државен инспектор на терен, да изврши вонреден инспекциски надзор, да земе мостри од водата, да ја утврди фактичката состојба и, доколку се потврдат наводите, без одлагање да поднесе кривична пријава и да ги преземе сите мерки предвидени со закон. Истовремено, бараме јавноста да биде целосно информирана за текот и исходот на постапката.

Граѓаните од Долни Балван си ја завршија својата обврска – собраа докази, поднесоа пријава и јавно предупредија на опасноста. Сега на ред се институциите да покажат дали законот важи подеднакво за сите или повторно ќе надвладее логиката на личните врски и заштитените поединци на штета на здравјето на граѓаните.

Можете да прочитате

Тошковски: Водата во Гостивар е безбедна за техничка употреба, но не и за пиење

Кривична пријава за сопственик на фирма, го оштетил буџетот за над 60.000 евра

Средба на министерот Муцунски со шпанскиот државен секретар за ЕУ, Фернандо Мариано Сампедро Маркос