
Македонската државјанка С.С. (46) е уапсена во Црна Гора откако, според сомнежите на полицијата, намерно прегазила и усмртила куче во Улцињ, а потоа се обидела да ја напушти државата.
Според информациите на црногорските медиуми, инцидентот бил пријавен денеска околу 15:15 часот од сопственикот на кучето, кој информирал дека непознато лице, управувајќи бел „мерцедес“ со скопски регистарски таблички, намерно го прегазило неговото куче на улица.
Полициските службеници веднаш излегле на местото на настанот и со преземање оперативни мерки ја идентификувале возачката како македонската државјанка С.С. (46). Веднаш била распишана потрага по неа.
Само еден час подоцна, околу 16:40 часот, осомничената била пронајдена на заедничкиот граничен премин „Сукобин – Муриќани“, каде што се обидувала да ја напушти територијата на Црна Гора.
По приведувањето, таа била однесена во полициските простории во Улцињ, каде што била спроведена кривична истрага. За случајот бил известен државниот обвинител при Основното државно обвинителство во Улцињ, кој оценил дека постојат елементи на кривичното дело „убивање и мачење животни и уништување на нивното живеалиште“.
По наредба на обвинителството, С.С. е лишена од слобода и во законски предвидениот рок ќе биде изведена пред надлежниот обвинител.
Од Полициската управа на Црна Гора соопштија дека брзата реакција на полицијата спречила осомничената да ја напушти земјата и дека истрагата за случајот е во тек.
Инцидентот предизвика силни реакции во јавноста, особено поради сомнежите дека кучето било намерно прегазено, што според црногорското законодавство претставува кривично дело за кое е предвидена кривична одговорност.


